Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


Злоставуваните деца од Велес да се сместат во друго семејство Скопје, 26 август

Првата детска амбасада во светот Меѓаши во врска со последниот случај на родосквернавење од страна на таткото од Велес врз неговите три ќерки бара децата да бидат згрижени во друго семејство.

„Децата не треба да бидат вратени во семејството затоа што во вакви случаи под притисок на најблиските како и недоволно разбирање за состојбата во која се нашле, многу често децата ги менуваат изјавите. Затоа бараме децата да бидат згрижени во згрижувачко семејство“, велат од „Меѓаши“.

Детската амбасада „Меѓаши“ повторно повикува на најстрога казна за таткото силувач, а воедно ги повикува и надлежните институции да не ја исклучуваат можноста за соучество на мајката во ова кривично дело.

„Доколку мајката знаела и ја одобрувала сексуалната злоупотреба на трите девојчиња бараме одземање на родителското право на двајцата родители и нејзино казнување доколку не го пријавила случајот. Во вакви ситуации потребно е децата да бидат ставени во специјализирано прифатилиште за деца жртви на сексуална злоупотреба, кое ќе работи 24 часа. Децата жртви треба да добијат основни услови за закрепнување, рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција во заедницата. Престојот во ова прифатилиште треба да е од привремен карактер, што значи дека треба да се развијат форми на специјални семејства за згрижување на овие деца“, велат од „Меѓаши“.

Според нив, Центрите за социјална работа треба да се присутни на терен и да имаат увид во сите дисфункционални семејства, семејства во ризик, семејства со тешка социјална структура како превенција од насилството и злоупотребата на децата. Социјалните работници треба навреме да им го одземат родителското право на родителите што се силувачи или на родителите што ги злоупотребуваат децата. Државните институции ја преземат одговорноста за сигурноста и за здравјето на децата секогаш кога тоа не го добиваат од родителите. Државата мора да се мобилизира и да ја прими пораката дека не се сите родители по автоматизам и одговорни родители.

Детската амбасада „Меѓаши“ потсетува дека треба да се посвети внимание на децата жртви на сексуална злоупотреба и давање изјави од нивна страна по неколку пати. Не треба да се дозволи детето да дава изјави во полиција, во Центрите за социјална работа, па во судовите. Тоа треба да даде само една изјава, бидејќи секое навраќање на чинот на насилството е дополнително малтретирање за детето.  / Журнал МК /

Извор: http://zurnal.mk/mk/cont.asp?k=21208120405&s=27209153317&ID=26810164631