Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


Законски измени за вработување деца06/08/2010 


Рамадан Ахмети има 17 години и речиси секој ден поминува неколку часа во работилницата на златарата „Раф“ во старата Скопска чаршија. Тој еден ден сака да го наследи фамилијарниот бизнис и да го научи златарскиот занает. Занатот го учи веќе неколку години, а доколку се усоврши доволно наскоро ќе може да му биде замена и на татка си во дуќанот, откако ќе бидат донесени измените на Законот за работни односи со кои се прецизираат условите за работа на деца до 18 годишна возраст. Со новите измени кои сe уште се во собраниска процедура, малолетните лица кои што не завршиле средно образование ќе можат да работат само за време на летниот и зимскиот распуст и да поминуваат најмногу по околу 6 часа дневно на работа, а за тоа да добиваат надомест.

„Лице под 15 години не смее да биде вработено, а лице од 15 до 18 годишна возраст има можност да биде вработено. Соодветно на годините на старост е утврдена и граница на работни часови во една недела. За младо лице над16 години работната недела не може да изнесува повеќе од 37 часа и 45 минути“, рече Спиро Ристовски – заменик министер за труд и социјала.

Измени има и во делот за децата под 15 години. За нив ќе биде дозволена лесна активност, односно ангажман најмногу до 4 часа во културни, спортски и рекламни активности, за што децата преку своите родители ќе може да добиваат и симболичен надомест. Сепак, иако измените се дел од усогласувањето на македонското со европското законодавство, од Првата детска амбасада „Меѓаши“ се противат и велат дека децата не треба работно да се ангажираат сe до нивното полнолетство.

„Ако децата се вклучени во спортски или рекреативни активности и ако добијат симболичен надомест тоа не е работен однос, но никако на децата да не им се дава можност за вработување и државата да најде механизми како децата да го завршат училиштето, а притоа да не работат. На некој начин државата се амнестира од давање на социјални стимулации и стипендии за оваа структура на деца“, вели Драги Змијанац – извршен директор на детска амбасада „Меѓаши“.

Сепак, формално, новите законски измени поддршка имаат и во меѓународната пракса. Според Меѓународната организација за трудот секоја работа на малолетник не се оценува како детски труд. Односно  доколку децата волонтираат или работат нешто што не влијае на нивното здравје или личен развој и не им попречува во нивното образование, тоа не се смета за злоупотреба на детски труд.

И од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје велат дека работата на децата дома или во семеен бизнис не е злоупотреба сe додека работата не го загрозува здравјето на децата и не ги спречува да одат на училиште. При сето тоа, главна е контролата. Надлежните велат дека таа ќе биде ригорозна

Фросина Пандурска – Драмиќанин

Извор: http://alsat.mk/vesti/zemja/1052965.html