Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


ВЕЛЕШКИОТ ФРИЦЛ ВО ПРИТВОР, ДЕЦАТА ВРАТЕНИ КАЈ МАЈКАТА

Монструмот го негира злочинот

27.08.2010

Мими П. Шушлеска
Горан Наумовски

Згрозеност, осуда, барање за смртна казна и одговорност на институциите се реакциите на јавноста откако полицијата го обелодени случајот во кој 41-годишен велешанец со години ги силувал своите ќерки на возраст од три, пет и од седум години. Вчера велешкиот Фрицл заработи кривична пријава, а децата беа однесени со својата мајка дома. Во оваа трагична приказна среќа имало четвртото дете во семејството, кое се уште е бебе, па не било дел од овој грозоморен чин.

Иако таткото тврдел дека целата приказна ја измислила сопругата, извештаите на лекарите дека девојчињата со години се силувани поради што имаат и длабоки психички трауми биле доволен аргумент за полицијата да го осомничи за родосквернавење, но тој ќе одговара и за тоа што ја тепал и малтретира 38-годишната сопруга.
Ова е прв случај откриен во земјава во кој татко со години ги силувал своите ќерки. Психијатрите коментираат дека вината треба да се бара во институциите во државата, кои не си ја вршат својата работа.
Полицискиот извештај вели дека осомничениот со примена на сила честопати ги силувал девојчињата со години, во време кога нивната мајка не била дома. Таа на полицијата се пожалила дека од почетокот на заедничкото брачно живеење осомничениот физички и психички ја малтретирал и неа и нивните деца, но тврдела дека не знае за силувањето. Според полицијата, таа не го пријавила случајот иако живеат на 500 метри од полициската станица, туку за монструозниот чин информациите дошле од други луѓе.
Вчера децата, заедно со мајката, беа однесени во нивниот дом. Тие се под стручен надзор на велешкиот Центар за социјални работи. Полицискиот распит на осомничениот траел цела ноќ, но тој не го признал делото. Сепак, кај трите девојчиња гинеколозите констатирале дефлорација, траги од сексуални односи и повреди на гениталиите. Најшокантен е податокот што седумгодишното девојче е силувано од својата прва година. Неофицијалните информации велат дека таткото е алкохоличар, а тој и неговата сопруга се невработени и живеат во беда. Имаат четири деца.
Оваа грозоморна веста ја вознемири целата јавност, а особено велешани. Сите се згрозени од овој случај на инцест.
- Донесете го да му пресудиме, на плоштад треба да го обесат. И во затвор да го однесат, затворениците ќе му пресудат - коментираа вчера велешани.
Психијатарот Ѓорги Чадловски вели дека такво нешто може да направи само човек што е ментално болен, со тешкопсихичко растројство.
- Нема ништо посилно од родителскиот нагон. Човек што може да ги силува своите деца е тежок психопат, шизофреничар, ментално растроен со деградирана личност - вели Чадловски.
Доколку тој е психопат, се смета дека е пресметлив и дека бил свесен за своите дела и за последиците од нив. Додека, пак, ако имал шизофренија, не бил свесен за тоа што го прави. Чадловски смета дека човек што е само под дејство на алкохол не може да направи нешто такво.
- Но, хроничен алкохоличар што веќе развил и тешко ментално растројство е способен за такво нешто - вели Чадловски.
Тој истакнува дека доколку постои добар систем за детекција на абнормалните појави во општеството, вакво нешто нема да се случува.
- Кај нас институциите се ретардирани. Што прават социјалните работници освен што седат во своите канцеларии и не излегуваат да видат што се случува. Каде се детските психолози што треба да забележат дека нешто не е во ред со злоупотребуваните деца - вели Чадловски.
Злоупотребуваните деца преку однесувањето, начинот на комуникација, играта или цртеж знаат да покажат дека имаат некој проблем, а наставничките и психолозите треба да го забележат тоа и да реагираат. Кај трите малтретирани деца прво ќе треба да се направи процена за последиците што ги оставило сексуалното малтретирање, а потоа и да се работи со нив.
- Тие деца, веројатно, ќе има потреба да бидат згрижени во некоја институција. Но, каде ќе се носат. Во Скопје има еден центар за ментално здравје на децата, но таму не може да се престојува. Во Велес, пак, такво нешто нема. Во ментална болница деца не се сместуваат - вели Чадловски.

Мајката е соучесник?

Мајката на децата е соучесник во случајот и треба и неа да и се одземе родителското право, вели професорката Сунчица Димитриовска од Институтот за социологија.
- Не може мајката да се амнестира од одговорност бидејќи таа морала да знае за силувањата. Тоа се толку мали деца што не може да скријат - вели Димитриовска.
Според неа, тоа што децата се оставени со мајката е лошо решение бидејќи таа не е способна да се грижи за нив.
- Многу ќе биде тешко овие деца да ги надминат траумите што ги преживеале, а и за да се намалат штетните последици, треба да добијат голема поддршка од институциите. За почеток треба да се одземат од мајката и да се дадат на згрижувачко семејство - смета Димитриовска.
И од правата детска амбасада „Меѓаши“ истакнуваат дека децата не треба да бидат вратени во семејството и бараат да бидат однесени во згрижувачко семејство. „Меѓаши“ смета дека таткото треба да добие најстрога казна и ги повика надлежните да не ја исклучуваат можноста за соучество на мајката поради што, ако се потврди, треба да и се одземе родителското право.

За шест месеца 43 деца жртви

Во првите шест месеци од 2010 година, 43 деца биле жртви на полови дејства, а лани биле регистрирани 50 случаи. Според видот, најзастапено е кривичното дело полов напад врз малолетник што не наполнил 14 години. Такви случаи има дури 30, пет кривични дела се за прикажување порнографски материјал на малолетник, четири деца биле силувани, а две деца биле жртви на задоволување на полови страсти и обљуба. Според анализите на полицијата, најмногу од делата се извршени во Неготино, а потоа следуваат Скопје, Прилеп, Струмица, а најмалку вакви немили случаи се забележани во Струга.
Жртви на сексуалните злоупотреби се 34 девојчиња и седум момчиња. Најмладата жртва до завчера имала седум години. Извршителите на овој гнасен чин најмногу биле мажи, а имало и една жена. Најмладиот од нив имал 15 години, а најстариот 69 години, претежно биле невработени и со неоформено образование.

Извор: http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=2107&ArticleID=147414