Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


СТРАВИЧНА СТАТИСТИКА НА УНИЦЕФ ЗА ОДНЕСУВАЊЕТО НА РОДИТЕЛИТЕ

Децата ги тепаме како луди

Дури 69 проценти од децата во Македонија се жртви на физичко и на психичко насилство, се наведува во најновиот извештај на УНИЦЕФ, за почитувањето на правата на децата во светот.

Македонските деца се поизложени на насилство отколку нивните врсници во Албанија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Истражувањето покажало дека ќотекот останува една од главните воспитни мерки што ја користат родителите бидејќи секое второ дете на возраст од две до 14 години е физички казнувано, иако само седум проценти од родителите и старателите одговориле дека ќотекот е корисен метод за воспитување на младите. - Невозможно е де се измери вистинскиот опсег на насилството врз децата затоа што многу нешта се случуваат во тајност, дома, на училиште, во заедницата и во институциите, и тоа често од страна токму на возрасните лица што би требало да ги штитат - вели Шелдон Јет, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија. Упатените не се изненадени од застрашувачки високиот процент на малтретирани деца во државата и констатираат дека место да запре, насилството постојано се пренесува од генерација на генерација. - Физичкото и психичкото насилство се резултат на недоволната едукација на родителите како правилно да ги воспитаат децата. Во современите земји постои литература за воспитување на децата, но кај нас, за жал, не верувам дека некој ја користи. Ќотекот како воспитна мерка останала од порано и до денес се користи. Ова е сериозен проблем бидејќи детето што пораснало со ќотек, така ќе се однесува и кон своите деца. Значи, се пренесува од генерација на генерација, па затоа го има во толкава мера - објаснува социологот Анета Поп Илиевска. И педагогот Јелисавета Луковска посочува дека е сосема погрешно децата да се воспитуваат со ќотек. - Податокот дека дури 69 проценти од децата се подложени на насилство е застрашувачки. Ова е сериозно предупредување бидејќи насилството многу лошо влијае врз развојот на децата. Родителите мораат да сфатат дека со ќотекот можат само да му наштетат на детето, па затоа мора да разберат дека разговорот и комуникацијата се мерките со кои се воспитуваат децата - вели Луковска. Покрај социолозите и педагозите, на лошите последици од насилството врз децата посочуваат и невропсихијатрите, кои предупредуваат дека малтретирањето остава страшни последици и траги во нивниот развој. - Психичкото малтретирање е посериозно. Овој вид насилство е огромна пречка за правилното созревање на личноста и влијае врз менталното здравје. На овој начин се упропастуваат генерациите на кои треба да се потпреме во иднина - алармира невропсихијатарот Витомир Мицев. Од Првата детска амбасада „Меѓаши“ истакнуваат дека се загрижени од тешката состојба во која се наоѓаат децата. - Насилството врз децата раѓа насилство. Ги учи децата на агресија, раѓа отпор и придонесува за ослабување на врската меѓу родител/старател и детето, врската наставник и дете или дете и дете. Во почетокот тепањето може да се чини ефикасно, но наскоро се покажува дека родителите треба да удираат се посилно и посилно за да го постигнат истиот резултат. Викањето и постојаното критикување на децата, исто така, се мошне штетни и доведуваат до продолжени емоционални тешкотии. Ваквото казнување не им помага на децата да развијат самоконтрола и почит кон другите - вели Гордана Змијанац од „Меѓаши“.

Се плашат да признаат

Детето што е жртва ретко го пријавува насилството поради стравот да зборува отворено за ова, но и поради тоа што не верува дека некој ќе му помогне.
- Така, насилството долго време останува незабележано и од околината и од институциите, а понекогаш се случува да се открие кога е предоцна и кога животот на детето е доведен во опасност- вели Гордана Змијанац од „Меѓаши“.
Од Првата детска амбасада истакнуваат дека податоците и од СОС-телефон за деца и за млади 0800 1 2222 покажуваат рапиден пораст на насилството врз децата.

Извор: http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=8&tabid=1&EditionID=1834&ArticleID=123547