Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39

Случајот со Норвежанецот осомничен за педофилија тапка во место(03.01.2011 – Утрински Весник)

Од Кривичниот суд велат дека не водат кривична истрага, бидејќи од нив тоа не е побарано.
 
Случајот со норвешкиот државјанин, вработен во Набљудувачката мисија на ОБСЕ, осомничен за сексуална злоупотреба на деца и по една и пол година и натаму тапка во место.

Имено, за Норвежанецот К.И., осомничен за кривично дело прикажување порнографски материјал на дете, веќе подолго време се води кривична постапка што никако не резултира со истрага.

И додека Јавното обвинителство се' уште прибира докази за К.И., од скопскиот Кривичен суд потврдуваат дека тие не водат постапка за такво лице од едноставна причина - до нив не било поднесено барање за спроведување кривична истрага.

„Она што досега е преземено се однесува на една наредба што била издадена од истражен судија. Станува збор за наредба за одземање лаптоп и - толку! Што натаму се случува со овој предмет ние не можеме да кажеме“, потврдуваат од скопска „единица“.

Неофицијално се дознава дека норвешкиот претставник во ОБСЕ е осомничен за прикажување порнографски материјал на дете. Во член 193 од Кривичниот законик на Република Македонија се вели: „Оној што на дете ќе му продаде, прикаже или со јавно излагање на друг начин ќе му направи достапни слики, аудиовизуелни и други предмети со порнографска содржина или ќе му прикаже порнографска претстава, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото е сторено преку средства за јавно информирање, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Со казната од став 2 ќе се казни оној што ќе злоупотреби малолетно лице за изработување аудиовизуелни слики или други предмети со порнографска содржина или за порнографска претстава.

Предметите од ставовите 1, 2 и 3 ќе се одземат“.

И покрај стриктните законски одредби тешко е да се поверува дека К.И. ќе седне на обвинителна клупа, бидејќи постојат одредени сознанија што упатуваат на тоа дека осомничениот, набргу по обелоденувањето на скандалот, ја напуштил државава?!

Со обвинувања дека претставник на ОБСЕ сексуално злоупотребувал деца на кои им нудел пари први се јавија од Првата детска амбасада „Меѓаши“, уште во почетокот на јуни минатата година. Имено, анонимно лице се обратило до Амбасадата и притоа информирало за педофилскиот скандал. Според информациите што тогаш беа пласирани, анонимниот јавувач, наводно, соопштил и имиња на деца што биле злоупотребени.

Шпекулациите одеа дотаму што се тврдеше дека во компјутерот на Норвежанецот имало 300 видеоснимки со времетраење од осум часа, како и 30.000 фотографии. За скандалот со својот вработен, само неколку дена по обелоденувањето на скандалот, се огласи и централата на ОБСЕ со ветување дека ќе помогне во расчистување на оваа афера. (Љ.С.)

Извор: http://daily.mk/cluster3/eadc72e97accf6137080de460a1de8c0/533357