Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


Шокантен случај на инцест во Велес 

27.08.2010

Дали Македонија го доби својот Јозеф Фрицл? Со оглед на тоа што се случувало во изминатиот период во едно велешко семејство, повеќе од извесно е дека татко сексуално ги злоупотребувал своите три малолетни девојчиња. Кошмарот траел долго време, уште кога едно од девојчињата имало само една година! Инцестот, кој ја шокира јавноста и предизвика бурни реакции на осуда кај организациите за заштита на децата, е обелоденет дури сега, иако според одредени сознанија, злоупотребата на најстарото дете започнала уште пред шест години.

Како што информира полицијата, 41-годишен велешанец, чиј идентитет не се соопштува во јавноста, сексуално ги злоупотребувал своите три ќерки на возраст од три, пет и седум години. Од МВР не прецизираат како го откриле ова монструозно злосторство, но објаснуваат дека постапиле по добиени оперативни сознанија и дека случајот е целосно расветлен и документиран.

Ваквото сериозно обвинение полицијата го темели врз изјава на трите девојчиња. При преглед во Гинеколошкото одделение од Општата болница во Велес било утврдено дека сите три се дефлорирани и со траги од сексуални односи и повреди на гениталиите. Фрапантно звучи податокот дека седумгодишното девојче било силувано уште додека било на возраст од само една година.

Освен физичките, кај девојчињата биле препознатливи и длабоки психички трауми од преживеаното. Во соработка со Центарот за социјални работи, извршен е разговор со сопругата на осомничениот и со трите малолетни деца.

Од разговорите со децата било утврдено дека таткото, алкохоличар и злоупотребувач, применувал сила и дека во еден подолг временски период многу често вршел родосквернавење, а дека злоупотребувањата се случувале секогаш кога мајката била отсутна од дома. Сопругата, наводно, пред надлежните институции изјавила дека од самиот почеток на нивното заедничкото живеење, сопругот физички и психички ја малтретирал, но дека таа не знаела за неговите болни склоности.

Од полицијата нема одговор како е можно сопругата да не знаела за однесувањето на таткото спрема децата. Сопружниците биле невработени, а осомничениот никогаш порано не бил пријавуван во полицијата за какви било дела.

За шокантната вест што го потресе не само велешката туку и целокупната македонска јавност, со официјален став се произнесе и Министерството за внатрешни работи. Оттаму информираат дека СВР - Велес до Јавното обвинителство поднело кривична пријава за таткото-силувач. Тој е осомничен дека извршил едно кривично дело родосквернавење, односно обесчестување врз неговите три малолетни ќерки и едно кривично дело нанесување тешка телесна повреда врз неговата 38-годишна сопруга. Полицијата, исто така, потврдува дека со злоупотребуваните деца и со малтретираната мајка бил извршен разговор во Центарот за социјални работи и дека од нив биле обезбедени изјави со кои се потврдуваат делата за кои допрва ќе одговара таткото.

Тој, кусо време по неговото приведување во полицијата, бил изведен пред истражен судија. Според наши сознанија, тој во распитот што траел речиси цела ноќ негирал каков и да е сексуален однос со малолетните девојчиња и дека целата приказна, наводно, била измислена токму од сопругата и од децата.

Засега е извесно дека за децата во иднина ќе се грижи сопругата, но и службите на Центарот за социјални случаи.

Полициски статистики говорат дека се намалува бројот на сексуални деликти, кои се однесуваат на малолетници. Така, за првите шест месеци од оваа година, на територија на целата држава се регистрирани 41 кривично дело. Дури 43 малолетници биле сексуално злоупотребувани, а за стореното се пријавени 48 лица.

Во поглед на извршителите на сексуалните деликти, дури 47 се од машки пол, а едно лице е од женски. Како полнолетни се јавуваат 33 лица, а 15 се малолетни. Најстариот сторител е на возраст од 69 години. Според полициската статистика, за истиот период во минатата година е забележан пад од цели 18 отсто. Во минатата година биле регистрирани 50 кривични дела, но во тој период немало ниту едно кривично дело родосквернавење.

Најчесто кривичното дело е полов напад врз малолетник што не наполнил 14 години. Вакви имало 30 дела, пет дела се однесуваат на прикажување порнографски материјал на малолетник што не наполнил 14 години, четири на силување и по едно задоволување полови страсти пред друг и обесчестување немоќно лице.

Сексуалните злоупотреби над малолетници се најзастапени на подрачјето на Неготино, потоа следуваат Скопје, Прилеп, Струмица, Кочани, Велес, Кичево, Штип, Битола, Гостивар, Виница, Радовиш, Пехчево, Кавадарци, Крива Паланка, Охрид, Тетово и Струга. За обележување е дека 31 од делата биле извршени во градски средини, а останатите во рурални подрачја.

Злоупотребите врз малолетници во 31 случај биле извршени од лица што претходно ги познавале своите жртви. Според времето на извршување, најмногубројни се оние што се извршени во попладневните и во вечерните часови.

Не се ретки оние случаи каде што злоупотребувачите користеле физичка сила или ја искористиле психофизичката немоќ на жртвите, а има и такви дела во кои се користела и вербалната закана.

„Меѓаши“  бара најстрога казна за  таткото-силувач

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ го осудува последниот случај на родосквернавење од страна на таткото од Велес врз неговите три ќерки и бара децата да не се враќаат во семејството, со цел под притисок на најблиските и на роднините да не ги сменат дадените изјави за случувањата.

„Меѓаши“ бара децата да бидат згрижени во згрижувачко семејство и повикува на најстрога казна за таткото-силувач. „Ги повикуваме и надлежните институции да не ја исклучуваат можноста за соучество на мајката во ова кривично дело. Доколку таа знаела и ја одобрувала сексуалната злоупотреба на трите девојчиња, бараме одземање на родителското право на двајцата родители и нејзино казнување доколку не го пријавила случајот“, апелираат од „Меѓаши“. Последниот грозоморен случај, според нив, покажува дека постои отсуство на функционална заштита на децата, поради што апелираат граѓаните навреме да го пријавуваат насилството што ќе го забележат, а центрите за социјална работа да се присутни на терен и да имаат увид во сите состојби.

Љубиша Станковиќ

Извор: http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=2BC398022B722F4EAB6D76DA1378127C