Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39

Педофилијата не признава свети места14.08.2010

Шок по последниот случај на тинејџерот, кој беше сексуално злоупотребен во манастирот „Трескавец“
Моника Талеска Горан Адамовски

ПРИЛЕП - Отец Калист, единствениот репрезент на МПЦ што е задолжен за одржување на животот во манастирот „Трескавец“, е згрозен од последниот чин на сквернавење на овој духовен храм што се наоѓа на 12 километри оддалеченост од Прилеп. Со оглед на фактот што ова не е прв и единствен случај да се посега по духовната чистота на манастирот, отец Калист јавно упати молба и побара помош од сите христијански верници за да се заштити манастирот, кој со векови е заштитник на градот и за кого прилепчани се емотивно поврзани.

„Најостро го осудувам овој грозоморен чин, кој по својата природа е директен атак врз светоста на местото и на христијанските вредности, кои со векови се негувале овде“, реагира отец Калист.

Злоупотребата на 13-годишниот малолетник во гостинската соба од манастирот предизвика лавина реакции на прилепчани, особено оние што се редовни посетители и што помагаат во одржување на овој духовен храм.

„Како може толкава патолошка мисла да се собере во еден човек. Да посегне по младо момче, а згора и во простории на манастир, па зарем не му останало ни малку совест и чистота на неговиот ум. Бог нека му прости и нека му помогне“, велат револтирани дел верници од Прилеп.

Полицијата против осомничениот Дарко Д. (31) од Прилеп поднесе кривична пријава за полов напад врз 13-годишното момче, зашто пред три дена околу 22 часот тој се договорил со момчето да има сексуални односи во гостинската соба. Како што соопшти МВР, во моментот кога кон оваа манастирска просторија се приближиле други лица од манастирот, Дарко Д. гол скокнал од камбанаријата при што се здобил со фрактури на двете раце, а момчето избегало.

Со оглед на непристапноста на теренот, бидејќи не е изграден ни тампониран пат до манастирот, екипата на Службата за медицинска помош едвај со напор успеала да стигне до објектот и да го згрижи повредениот.

Настанот веднаш бил пријавен, а при полицискиот увид и од разговорот со момчето е констатирано дека осомничениот Дарко Д. и пред тоа имал сексуални односи со момчето.

Но, не само со осомничениот, туку момчето последниот месец три до четири пати било злоупотребувано и од друг негов сосед, Димитрија А. (24), кој со својата мајка во средата спиел во една од просториите од манастирот. Како соседи и пријатели, сите четворица дошле да преспијат во манастирот. Полицијата поднесе пријава и против Атанасоски. Истрагата продолжува.

Зачестените случаи на полов напад врз деца ги загрижија сите. Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ укажуваат дека молчењето и табуата за сексуалната злоупотреба врз децата сега е срушено.

„Порано случаите на педофилијата не се обелоденувале во јавноста поради неколку причини, како што се страв, срам, како и стереотипите дека децата-жртви, а посебно девојчињата, треба да молчат за сексуалната злоупотреба, главно, од семејни причини“, објаснуваат од „Меѓаши“.

Зачестените реакции за построго казнување на педофилите, барања за одземање родителско право на родители-злоупотребувачи и поголема одговорност од државните институции, го подигна прагот на нетолерантност спрема силувачите.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во првите шест месеци од годинава биле евидентирани 30 кривични дела: полов напади врз малолетник, кој не наполнил 14 години.

„Имаме пет пријави за прикажување порнографски материјал на малолетник што не наполнил 14 години, четири силувања и по една пријава за задоволување полови страсти пред друг и обесчестување немоќно лице“, велат од МВР.

Во „Меѓаши“ на СОС-телефонот за деца и млади 0 800 1 2222, во текот на 2009 година биле пријавени 20 случаи на сексуална злоупотреба на деца. Половината од нив биле извршени од родител или роднина. Оттаму велат дека борбата против сексуалната злоупотреба на децата бара тимски и мултидисциплинарен приод, преку соработка на граѓанските организации и државните институции, особено центрите за социјална работа, судството, народниот правобранител, полицијата и училиштата.

„Тоа подразбира синхронизирано и заедничко превентивно дејствување на сите фактори што имаат удел во воспитувањето и грижата за децата, како што се семејството, институциите на државата, граѓанските организации“, укажуваат од Првата детска амбасада во светот. (Мн.Т. - Г.А.)

Извор: http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=C9903EA8B6F76249947846BEC8C27136