Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


* НЕДЕЛА НА ДЕТЕТО * 04. – 10. Октомври 2010 *Секоја година првата седмица од месец октомври им се посветува на децата, под мотото Детска недела.

 Детската недела во целиот свет традиционално е проследена со низа активности посветени на најмладите жители на планетата, со цел да се привлече вниманието на децата и на младите, како рамноправни членови на секое општество.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши како организација чија главна мисија се децата и заштита на нивните права и оваа година започна со организација на активности за одбележување на Детската недела.

Во периодот од 4 до 10 Октомври 2010 година,  Детската амбасада Меѓаши организираше работилници за правата на детето на кои децата се запознаваа со нивните права.

За време на Детската недела, Детската амбасада Меѓаши ја посетија 430 дечиња кои учествуваа на работилниците за правата на детето. Просториите на Детската амбасада Меѓаши ги посетија децата од Детската градинка “Изворче” и учениците од неколку основни училишта во Скопје:

ОУ “Љубен Лапе”;

ОУ “Блаже Конески”;

ОУ “Војдан Чернодрински” и

ОУ “Мирче Ацев”.

Воедно, Детската амбасада Меѓаши, ја посетија ученици и од училиштата од другите градови на Република Македонија:

ОУ “Страшо Пинџур” – Кавадарци;

ОУ “Лирија” – Тетово;

ОУ “Шемшево” – општина Јегуновце, Тетово.

            Во текот на овие работилници, децата на креативен и интерактивен начин, согласно нивната возраст, учеа за своите права. Со помош на сликички тие сами ги дефинираа нивните потреби и желби и истовремено на тој начин учеа и кои се нивните права. 

Работилниците за детски права беа водени од волонтери – студенти од различни факултети: педагози, психолози и социјални работници, за кои претходно беше организирана обука. Обуката која беше водена од г-ѓа Гордана Пирковска Змијанац, обучувачка при Првата детска амбасада во светот Меѓаши, имаше за цел да ги запознае волонтерите со начинот како треба да изгледа една работилница за деца и да ги обучи како на креативен начин да им се објаснат правата на децата, согласно нивната возраст.

По завршувањето на работилниците децата добиваа и општи информации за активностите на Детската амбасада Меѓаши и за бесплатниот СОС телефон за деца и млади 0800 1 2222.

Сите деца кои ја посетија Детската амбасада Меѓаши беа послужени со чај, грицки и колачиња кои како донација беа обезбедени од МАКПРОГРЕС ДОО – Виница.

            Воедно јавно им благодариме на МАКПРОГРЕС ДОО што ни излегоа во пресрет за Неделата на детето и ни донираа од своите производи.