Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


МЕЃУНАРОДНА СУПЕРВИЗИЈА – СТУДИЈА НА СЛУЧАЈДетето – сведок и сексуалната злоупотреба врз децата
 
На ден 21.10.2010 година, Првата детска амбасада во светот Меѓаши организираше Меѓународна супервизија – студија на случај, на тема Детето-сведок и сексуалната злоупотреба врз децата со присуство на странски супервизор - Диана Русева од Институтот за социјални дејности и практики од Бугарија.

Супервизијата, која се одржа во просториите на општина Кисела Вода, имаше за цел обезбедување на поефикасен систем на директна помош на оваа категорија деца во регионот, преку зголемување на свеста за проблемот, како и повисока експертиза на професионалците кои работат со деца изложени на насилство и злоупотреба.

Во согласност со темата, на супервизијата присуствуваа лица кои работат и се засегнати со оваа проблематика, како: судии, јавни обвинители, претставници од Министерството за внатрешни работи – оддел за малолетничка деликвенција, претставници од електронски и печатени медиуми кои известуваат за случаи на сексуална злоупотреба врз деца и претставници на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Во рамки на супервизијата, беше направена презентација на три случаи на сексуална злоупотреба врз деца пријавени на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши и истите беа анализирани од страна на учесниците на супервизијата. Студијата на случај овозможи да се разменат мислења на различни професионалци кои работат на полето на заштита на децата, како да работат подобро внатре во системот за заштита на децата во Република Македонија, и покрај неговите негативни аспекти.

Меѓународната супервизија е дел од активностите на Детската амбасада  Меѓаши, што се спроведуваат во рамките на Регионалната програма “Детство без насилство – кон подобар систем на детска заштита во Источна Европа”.

Во овој проект се вклучени седум земји од Источна Европа, кои работат на постигнување на развој на регионални стандарди во областа на запоставување и насилството врз децата; обучување на професионалци кои се занимаваат со насилство врз деца и нивна поддршка преку вмрежување, разменување добри практики, контактирање со меѓународни експерти и слично.