Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


„Меѓаши“: Партиите да ги поштедат децата02.10.2010

Емитување на маките и судбините на децата предизвикува голема болка кај нивните најблиски. Тоа, исто така, претставува и траума за децата, кои ги следат овие спотови како гледачи. Тоа е дополнителна виктимизација и стигматизација на децата во медиумите. Медиумите треба да одбиваат емитување платени политички пораки доколку во нив се врши (зло)употреба на децата за политички цели. Во политичките спотови не смеат да се користат деца за партиски цели, порачуваат од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Според нив, сите политички партии треба да го гарантираат спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето и да се залагаат за спречување на кршењето на правата на детето.

Во Република Македонија се' уште не постои соодветна законска регулатива што посериозно би ги заштитила децата од политичката (зло)употреба. Одредбите на Конвенцијата за правата на децата не се доволни. Сите политички партии треба сериозно да внимаваат, кога се обраќаат до јавноста преку платени политички реклами, велат од „Меѓаши“.

Политичките партии треба да се грижат за потребите и за интересите на децата и да ги вградат во предизборните платформи, но не смеат да ги (зло)употребуваат со тоа што ќе ги вклучат во своите видеоспотови, билборди и митинзи. Собранието на Република Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за заштита на детските права и поради тоа децата треба да бидат исклучени од секаква политичка (зло)употреба.

Од „Меѓаши“ ги замолуваат медиумите да одбиваат емитување платени политички пораки доколку во нив се врши (зло)употреба на децата за политички цели. „Очекуваме сите политички партии да го гарантираат спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето и да се залагаат за спречување на кршење на правата на детето“. (Д.Р.)

Извор:  http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=5DB692D0F9C1684CBF390B9961E2B458