Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


Истрагата за педофилот заглавена во преписки 07.10.2010

Норвежанецот повеќе не работи во ОБСЕ и нема дипломатски имунитет што би можел да го заштити

Истрагата за педофилскиот скандал заглави во преписки за дипломатскиот имунитет на високиот преставник на ОБСЕ, кој воопшто го нема! Министерството за надворешни работи испраќа ноти до ОБСЕ во кои бара изрично да се изјаснат дали се одрекуваат од судскиот имунитет на дипломатот, со цел продолжување на истрагата што ја води скопското Обвинителство. Но, од набљудувачката мисија велат дека не можат да се откажат од нешто што го немаат, бидејќи осомничениот Норвежанец повеќе не е вработен во ОБСЕ во Скопје откако дал отказ пред неколку месеци.

Извори во ОБСЕ објаснуваат дека согласно со Виенската конвенција член 39, став 2, имунитетот не ги штити дипломатите од одговорност за делата што би можеле да ги направат надвор од работата во нивното слободно време. Имунитетот што го имал дипломатот се однесува само на пишаните документи, акти и дела што ги направил за време на службата. Но, Норвежанецот нема дипломатски имунитет што би можел да го заштити во истрагата за наводно поседување педофилски материјали.

Преписката меѓу скопското Обвинителство, Министерството за надворешни работи како посредник и Мисијата на ОБСЕ во земјава, трае од летово. Според скопскиот обвинител Марко Зврлевски, уште пред одморите биле побарани дополнителни информации околу статусот на норвешкиот дипломат и можноста да му биде одземен дипломатскиот имунитет. Одговорот пристигнал завчера на адресата на МНР.

Како што дознаваме, во него е наведено дека осомничениот дал отказ на 9 јуни годинава и повеќе не е дел од дипломатската мисија на ОБСЕ. Но, не е децидно наведено дали Мисијата се откажува од неговиот дипломатски имунитет.

„Најверојатно, ќе бараме од ОБСЕ децидно да се изјаснат дали ќе се откажат од неговиот дипломатски имунитет, согласно со Спогодбата што е потпишана со набљудувачката мисија. Со неа се предвидени мандатот, времетраењето, статусот на мисијата, привилегиите и имунитетот, како и обврските на земјава кон ОБСЕ“, вели Борче Стамов од МНР.

Претходно од дипломатскиот имунитет на функционерот се огради и норвешкото Министерство за надворешни работи, кое, како што пренесе шведскиот весник „Свенска дагбладет“, обелодени дека осомничениот нема норвешки дипломатски пасош.

Според скопското Обвинителство, дури откако ќе бидат добиени и дополнителните информации, ќе можат да продолжат истрагата и проверките за комплетирање на досието околу педофилскиот скандал. Оттаму не изнесуваат повеќе детали поради чувствителноста на случајот, ниту, пак, прецизираат до каде е проверката, дали има оштетени деца од Македонија што биле инволвирани во педофилскиот скандал. „Поради комплексноста на предметот, се вршат дополнителни проверки и во странство, но и дома“, коментираат од Обвинителството.

Случајот со педофилија беше обелоденет кога во медиумите и во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ почнаа да пристигнуваат анонимни писма. Во нив се наведуваше дека „Норвежанец вработен на висока позиција во ОБСЕ во Македонија сексуално злоупотребувал деца. Тој, наводно, во неколку наврати нудејќи им пари, намамувал деца под 14-годишна возраст од земјава и сексуално ги злоупотребувал“.
МВР во почетокот на летото поднесе кривична пријава против триесет и осумгодишен Норвежанец поради поседување детска порнографија во компјутерски систем. Во неговиот компјутер се тврдеше дека биле пронајдени околу 150 гигабајти порнографски материјали во форма на видеозаписи и фотографии со содржини со детска порнографија, како и повеќе од 30.000 фотографии со деца. Норвежанецот не е достапен за полицијата откако на 16 мај годинава ја напуштил државава и заминал на одмор во неговата земја. (Д.Т.)

Извор:

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=4C149ABEE8C94242AE8F1743F75BF605