Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


Дилеми за „Фејсбук“ и во МакедонијаНекои млади не сакаат родителски поглед на профилот
 
21.12.2010

И во Македонија има дебата околу односот на родителите кон присуството на децата на интернет-мрежата за дружење „Фејсбук“.

Засега нема засебно, стручно истражување на оваа тема, но БиБиСи се обиде да праша неколкумина корисници на мрежата, родители и деца.

Одговорите на помладата страна се различни. Едно момче категорично ја брани својата приватност на мрежата:

-„Не би сакал моите родители да ми гледаат ништо на профилот. Приватноста е многу битна за мене без разлика дали е тоа мајка, татко, брат, во принцип не би сакал да имаат допир до моите коментари во врска со девојки или нешто слично.“

Девојката што ја праша БиБиСи има поблаг став кон евентуалната љубопитност на нејзините родители. Со помош на нејзиното умеење околу безбедносните алатки на „Фејсбук“:

-„Да, би ги прифатила за пријатели. Доколку има нешто што не сакам да го прочитаат ќе го заштитам и ќе направам да не се гледа за родителот.“

Драги Змијанац, Извршниот директор на невладината организација Прва детска амбасада „Меѓаши“ не крие дека поминува време и на „Фејсбук“.

Змијанац е татко на три деца но вели дека само со едната ќерка е пријател на социјалната мрежа:

-„Секако тоа не го сметам за потреба да ѕиркам во нејзиниот профил туку да бидам информиран и да знам какви содржини поставува, а воедно јас сум транспарентен со мојот профил, сакам мојата ќерка да биде информирана за она што јас поставувам на мојот профил. Сметам дека ова е многу важно за изградба на доверба на релација меѓу родител и дете.“

Драги Змијанац вели дека има пристап до сите информации на профилот на својата ќерка, и обратно, таа на неговиот.

БиБиСи го праша која е неговата порака до оние кои сметаат дека „Фејсбук“ профилот е приватен простор и не дозволуваат родителите да го гледаат?

-„Би им препорачал да ја посетат страничката ’Безбедно на интернет’ затоа што таму има конкретни и полезни упатства колку треба да се биде претпазлив денеска во однос на користење на современите комуникациски системи и колку децата, па и родителите, од неинформираност можат да бидат жртви на упад во приватноста од некои возрасни.“

Дека „Фејсбук“ стана значаен феномен и во Македонија покажува податокот што Дирекцијата за заштита на личните податоци има службеник задолжен за контакт со оваа социјална мрежа.

Така што ако затаи родителскиот надзор во некои случаи за кои зборуваше Змијанац тогаш помош може да се побара и од овој орган.

Извор: http://www.bbc.co.uk/macedonian/news/story/2010/12/101221_fb_mac.shtml