Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


Децата сити од јадење ќотекУНИЦЕФ објави дека секое второ дете во Македонија е жртва на физичко насилство, а само 7 отсто од родителите веруваат дека ќотекот е излезен од рајот и го поддржуваат ваквиот начин на казнување

Не го тепам моето дете, понекогаш му удирам шлаканица кога е непослушно, но тоа не е ништо страшно бидејќи така сите сме растеле, вели скопјанка на прашањето дали крева рака на своето дете. Вакво е мислењето на стотици граѓани во Македонија, кои не знаат или не сакаат да прифатат дека тепањето деца е злосторство, а не казна.

Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) вчера објави дека секое второ дете во Македонија е жртва на физичко насилство. Интересно е што само 7 отсто од родителите веруваат дека ќотекот е излезен од рајот и го поддржуваат ваквиот начин на казнување како дел од процесот на воспитување.

Поразителните податоци на УНИЦЕФ покажуваат дека децата во Македонија, на возраст од 2 до 14 години, се поизложени на насилство отколку нивните врсници во Албанија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина.

Во извештајот се истакнува дека 54 отсто од децата во државата се изложени на физичко казнување, а 15 отсто само на психичка тортура, што значи дека вкупно 69 отсто трпат и физичко и психичко насилство.

- Невозможно е да се измери вистинскиот опсег на насилство врз децата затоа што многу нешта се случуваат во тајност, дома, на училиште, во заедницата и во институциите и тоа често од страна токму на оние возрасни кои би требало да ги штитат - вели Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

ЗБОРОТ ПОСИЛЕН ОД ЌОТЕКОТ

Побаравме одговор од педагозите дали тепањето деца е ефикасен начин на воспитување или станува збор за злосторство, кое мора да се искорени.

- Насилството врз децата раѓа насилство. Ги учи децата на агресија, раѓа отпор и придонесува за ослабување на врската меѓу родител/старател и детето, врската наставник и дете или дете и дете. Во почетокот тепањето може да се чини ефикасно, но набргу потоа се покажува дека родителите треба да удираат се посилно и посилно за да го постигнат истиот резултат - вели педагогот Гордана Пирковска-Змијанац од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Направивме мини-анкета за тоа колку македонски граѓани ги тепаат децата. Од анкетираните десет граѓани само осуммина сакаа да зборуваат. Од нив шестмина признаваат дека ги удираат децата кога сакаат да им укажат дека нешто погрешиле.

- Никогаш во животот не сум го тепал моето дете. Зборот е посилен од шлаканицата, па секогаш се обидувам со зборови да му укажам дека нешто погрешил - вели економист од Скопје.

Во светски рамки, УНИЦЕФ оценува дека, иако, е направен напредок во намалувањето на повредите на детските права, насилството и експлоатацијата се' уште се сурова реалност во животот на многу деца. Милиони деца во светот се жртви на трговија, немаат родителска грижа, ниту лични документи за да можат да посетуваат училиште и да имаат пристап до здравствена заштита. Уште неколку милиони се принудени да работат во штетни услови, се соочуваат со насилство и злоупотреба во сопствените домови, училишта, заедници, а во голем број случаи токму од луѓето што треба да се грижат за нив.

ЖРТВИТЕ ЖИВЕАТ ВО СТРАВ

Не само УНИЦЕФ, туку и анализите на „Меѓаши“ покажуваат постојан пораст на насилството врз децата во Македонија.

- Загрижени сме од тешката состојба во која се наоѓаат, за жал, голем број деца во Македонија. Амбасадата реагира, алармира, бара построги казни кон сторителите на насилство и силување деца. Кога регистрираме насилство или се прекршени правата на децата, се обраќаме до Народниот правобранител, Јавниот обвинител, Центрите за социјална работа, министерствата, полицијата и училиштата, а не ретко и до медиумите, во покарактеристични случаи. Податоците и од нашиот СОС-телефон за деца и млади 0800 1 2222 покажуваат рапиден раст на насилството врз децата. Регистрирани се повеќе од 17.600 повици за овие 16 години - велат во Меѓаши.

Народниот правобранител неодамна спровел истражување како центрите за социјална работа постапуваат со децата-жртви на семејно насилство, кои се директни или секундарни жртви. Истражувањето покажало дека освен што не се води посебна евиденција за децата-жртви на семејно насилство, центрите многу ретко бараат привремени мерки, судовите бавно реагираат и постапуваат и оти често судовите бараат повлекување на предлозите зашто немало законски услови за изрекување привремена мерка.

Педагогот Змијанац објаснува дека не само физичкото, туку и психичкото насилство е голем проблем.

- Викањето и постојаното критикување на децата може исто така да бидат штетни да доведат до продолжени емоционални тешкотии. Ваквото казнување не им помага на децата да развијат самоконтрола и почит кон другите - вели Змијанац.

Проблематично за овие случаи е фактот дека децата жртви на насилство ретко пријавуваат оти се малтретирани.

- Стравот е една од основните причини зошто децата се' уште не зборуваат отворено за овие појави и не веруваат дека некој ќе им помогне. Така, насилството долго останува незабележано и од околината и од институциите, а понекогаш се случува да се открие кога е предоцна и кога животот на детето е доведен во опасност - велат во „Меѓаши“.

Александар Манасиев

Проблемот не се решава преку ноќ

Насилството врз децата не може да се искорени преку ноќ, објаснуваат експертите. Потребно е континуирана едукација на населението за создавање здрава основа проблемот да се реши. Експертите објаснуваат дека е потребно да се спроведуваат превентивни програми во училиштата, за развивање вештини за ненасилна комуникација.

Некои од клучните решенија се: навремена интервенција, кампањи за позитивно родителство и информирање на јавноста, намалување на насилството во медиумите и зајакнување и подобрување на полициските и судските системи. Исто така е потребно реформирање на образовниот систем со преземање активности и политики за справување со насилството меѓу младите. Како последно се предлага забрана на видеоигри каде што има експлицитни сцени на убиства и насилство, бидејќи децата се идентификуваат со насилниците и запаѓаат во криминал.

Извор: http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=CEEF2AFB098A19459645C425786A8A1E