Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.38

Првата детска амбасада во светот стана полнолетна! Ние во амбасадата „Меѓаши“ ја подигнавме јавната свест за значењето и неопходноста од почитувањето на правата на детето. Проговоривме јавно за многуте проблеми со кои децата се соочуваат. Децата нас нe препознаа и ни ја доверија потребата да ги заштитуваме и да ги застапуваме - м-р Драги Змијанац, основач на „Меѓаши“ 
  
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ стана полнолетна. Оваа организација што ги штити правата на децата во нашата земја, но и во целиот свет, на 29 април одбележа цели 18 години работење во Република Македонија. Амбасадата е регистрирана во 1992 година како светска асоцијација и воедно е прва регистрирана меѓународна, непрофитна, непартиска и невладина организација во Македонија. Се залага за почитување на детската личност преку заштита на нивните права, застапување на детските интереси и преку збогатување на животот со содржини што детството го прават сигурно и творечко. Го зајакнува НВО-движењето за правата на детето, развивајќи го волонтерскиот пристап во работата и се грижи за спроведување на Конвенцијата за правата на детето.

„Меѓаши“ со своите активности во земјата придонесе во развивањето и јакнењето на граѓанската свест за детските права. Таа го урна молкот за детските страдања, особено за физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата, откривајќи во јавноста повеќе случаи на злоупотреба и директно ангажирајќи се за воспоставување поефикасни механизми за заштита на децата.

- Кога пред 18 години се оформивме за да им помагаме на децата-бегалци од Босна и Херцеговина, не знаевме во што се втурнуваме со сето срце и пред какви предизвици ќе се најдеме. Се соочивме со нив и така учевме. Не беше лесно да се трасира патот на новото светско детско движење во Македонија, вели директорот и основач на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, м-р Драги Змијанац.

Секако, пионерските зафати во промоцијата на детската кауза и најдобрите интереси на децата не секогаш наидувале на разбирање и не допирале до светот на возрасните.

- Ние во амбасадата „Меѓаши“ ја подигнавме јавната свест за значењето и неопходноста од почитувањето на правата на детето. Проговоривме јавно за многуте проблеми со кои децата се соочуваат. Децата нас нe препознаа и ни ја доверија потребата да ги заштитуваме и да ги застапуваме. Во еден прирачник од УНИЦЕФ, авторката г-ѓа Сју Гилберт напиша: „Македонија е позната во однос на детските права, бидејќи тука е формирана првата детска амбасада во светот ‘Меѓаши‘“. Затоа, на сите добронамерници им порачуваме дека сe уште има време да се вклучат во ова големо светско детско движење. Мозаикот на каменчиња, наречен прва детска амбасада во светот, го вградија многу луѓе. Секогаш има место и простор за нови граѓански иницијативи и активности - порачува м-р Драги Змијанац.

Првата детска амбасада во светот е членка во многу домашни и странски организации и тела, меѓу кои: Граѓанска платформа на Македонија, Куќа за човекови права на Македонија, Коалиција за правично судење,, Global March Against Child Labour, Defence for Children International, Child Right’s Information Network, Child Helpline International, European Foundation for street children worldwide, EUROCHILD, UNITED, и многу други.

Амбасадата има свој дипломатски кор на пет континенти, со над 120 дипломати корисници на дипломатски пасоши и има свои конзулати во Демократска Република Конго, Франција, Шпанија, Бразил и во Италија.
Досегашни деца-амбасадори и конзули на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ се: Калина Мрмевска, Мирјана Бошевска, Ѓакуш Кабаши и Стефан Плескоњиќ. Амбасадор на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ е Коле Ангеловски.

Доколку сакаш да дознаеш повеќе за „Меѓаши“ и можеби да станеш член, слободно јави се тел. 02/ 2465 316, тел/факс 02/2463 900. А, ако сакаш да испратиш писмо, адресата е „Меѓаши“ ул.Коста Новаковиќ 22а, 1000 Скопје.

Децата се посебен народ

„Децата се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководци. Тие се еден народ, кој никогаш не извел револуција или контрареволуција, ниту пак повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања. Тие се народ, кој најмногу страда во воените судири и кај човековите трагедии. ДЕЦАТА СЕ САМО ДЕЦА. СИТЕ ИДЕАЛИ НА СВЕТОТ СЕ ПОБЕЗНАЧАЈНИ ОД СОЛЗИТЕ НА ЕДНО ДЕТЕ“.

Цитат од Повелбата на првата детска амбасада во светот 
  
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=54101056597&id=25&prilog=1&setIzdanie=21978