Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.38


Норвешката крим-полиција известена за педофилскиот скандал во Македонија

Педофилот од ОБСЕ нема дипломатски пасош

- Запознаени сме дека станува збор за заплена на детска порнографија, но истрагата се одвива во Македонија. Се уште немаме добиено барање да се ангажираме за ова прашање - вели Ан Бај Сандал, шеф за информации во норвешката крим-полиција

Политичкиот советник на амбасадорот на ОБСЕ осомничен за поседување детска порнографија е Норвежанец, но без норвешки дипломатски пасош". Ова го потврдиле од норвешкото Министерство за надворешни работи за шведскиот весник Свенска дагбладет". Запознаени се со случајот, но потеницираат дека не се надлежни, зашто претставникот на ОБСЕ не бил вработен во норвешкото МНР.
- За сите прашања поврзани со овој случај упатуваме на ОБСЕ - изјавил за весникот шефот на комуникации на Министерството, Бјорн Јансен.

За случајот била известена и норвешката крим-полиција.
- Запознаени сме дека станува збор за заплена на детска порнографија, но истрагата се одвива во Македонија. Се уште немаме добиено барање да се ангажираме за ова прашање - вели Ан Бај Сандал, шеф за информации во норвешката крим-полиција.

Македонското МВР вчера му поднесе кривична пријава на советникот од ОБСЕ. Видеоматеријал во траење од осум часа, со експлицитен секс со малолетници, и околу 30 илјади еротски фотографии се дел од доказниот материјал што му го предаде полицијата на обвинителството. Од ОБСЕ најавија соработка со истражните органи.

Норвежанецот ја напушти земјава по почетокот на истрагата. Норвешките медиуми јавуваат дека тој се наоѓа во Норвешка.

Истрагата треба да покаже дали само во станот или и на други локации политичкиот советник во Мисијата на ОБСЕ ги фотографирал и сексуално ги злоупотребувал малолетниците. За овој случај во Детската амбасада Меѓаши добиле анономен повик, а нивните сознанија велат дека Норвежанецот заведувал деца од различен пол. Според информациите на Вечер полицијата веќе подолго време работела на случајот откако вработени во мисијата испраќале анономни дописи за актиовностите на нивниот колега.

Истрагата треба да утврди дали децата на порнографските снимки се од македонско потекло.