Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.38


НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ГИ ПРЕДУПРЕДУВААТ НАДЛЕЖНИТЕ

Прифатилиштата не се спас за децата Роми

Роза Петкова

Бројката на деца Роми што питаат на улица поради дрога, најверојатно, и натаму ќе се зголемува затоа што прифатилиштата не се решение на проблемот, предупредуваат невладините организации кои се занимаваат со заштита на децата.
По алармантните податоци кои беа презентирани на седницата на Локалниот совет за превенција на општина Центар, дека малолетници на возраст од осум години, па нагоре земаат хероин, а кражбите и нападите, особено на странци, се се позачестени, организациите кои работат со деца бараат државата итно да реагира за да се намали ваквиот тренд.
- Проблемот не може да се реши со прифатни центри. Тие работат до 16 часот, и потоа децата пак се на улица, значи нема ефект. Во други земји, по вторпат кога ќе се донесат малолетници во дневен центар, на родителот му се одзема детето поради негрижа. Кај нас нема ваква законска регулатива. Бројката на овие деца се зголемува и мислам дека нагло уште повеќе ќе се зголемува - вели Ахмет Јашаревски од Центарот за ромска заедница „ДРОМ“, кој потврдува дека им се познати информациите изнесени во медиумите.
Според него, надлежните институции треба да почнат да работат и со родителите, а решението го лоцира и во смена на законодавството, во делот кој се однесува на заштита на децата.
- Ако повеќе од 75 проценти од Ромите се социјални случаи, без работа, со месечна надоместок од 20 или 30 евра, што можеме да очекуваме? Еден од факторите тука е и образованието, па тој родител што не го пушта детето на училиште, веројатно и самиот нема завршено школо. Мислам дека ќе треба да се реагира побрзо, а исто така и да се смени законската регулатива - вели Јашаревски.
Во првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ решението го гледаат во заеднички пристап на сите релевантни институции - училиштата, центрите, министерствата, здравствените установи, невладините организации и Народниот правобранител.
- На овие малолетници им е потребна константна медицинска и психолошка помош, меѓутоа не постои институција која е подготвена да им помогне поради нивната возраст, од 5 до 14 години, а кои веќе неколку години се зависни од хероин и од лепило. Оваа категорија деца често запаѓа во криминални активности за да дојде до пари за дрога, но нема стратегија како да се спречи тоа. Паричните казни не помагаат бидејќи, место да го решат проблемот, децата се принудени подолго време да остануваат на улица и да питаат за да можат да ги платат казните - велат од „Меѓаши“.
Тие сметаат дека државата е таа што треба да ги ресоцијализира, да ги вклучи во редовниот образовен процес и да ги згрижи социјално и материјално.
- Стапувањето во контакт со родителите и со старателите на овие деца оди многу тешко поради нивните непостојани живеалишта. На тој начин тие се лишени од можноста да добијат советување, едукација, мотивирање за третман - сметаат во „Меѓаши“.
Во меѓувреме, според оваа организација, бројката на малолетни корисници на дрога се зголемува, а со тоа и ризиците од предозирање и пренесување на ХИВ, хепатитис Ц и други крвно и сексуално преносливи инфекции.