Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


Реакција на се позачестените случаи на родосквернавење и сексуaлно злоставување на децата во Македонија како и несоодветен третман со децата жртви на инцест и педофилија

- Кој ги силува децата во Македонија – дали во борбата против педофилијата забораваме низ какви трауми поминуваат децата жртви? - зошто некои од децата жртви на родосквернавење ги менуваат своите изјави? - дали децата жртви се оставени на милост и немилост од страна на институциите на државата?

На јавноста и е познато дека на СОС телефонот за деца и млади 0 800 1 2222 при При првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ честопати се соочуваме со случаи на сексуална злоупотреба на деца. Меѓу нив не се ретки и случаите на родсквернавење. Ваквите случаи уште повеќе ја отежнуваат ситуацијата не само од психолошки туку и од правен аспект. Што најчесто се случува во праксата?

-          Децата жртви на родосквернавење, по обелоденувањето  остануваат сами на себе, во уште покомплицирана семејна ситуација.

-          Обично детето останува со другиот родител кој понекогаш  не сака да се соочи со вистината и да го признае насилството. Во позадината на ваквото однесување честопати се и материјалните услови бидејќи родителот силувач го губи работното место и семејството останува без (некогаш) елементарните приходи.

-          Родителот кој останува со детето жртва, соочен со најразличните проблеми, манифестира насилно однесување, емоционално и психички го злоставува детето сакајќи да го казни за тоа што се случило, сметајќи го како причина за новонастаната ситуација во семејството.

-          Кај детето жртва се мултиплицира почетниот проблем соочувајќи се со низа нови сериозни проблеми (меѓу кои сослушувањата и неколкуте соочувања на рочишта, лице во лице со злоставувачот) кои ја прават траумата уште подлабока, а невербата во системот кој треба да ги заштити е целосно изгубена.

-          Детето е отфрлено од семејството и стигматизирано од средината во која живее и наместо да биде охрабрено за тоа што не молчи, станува осудено за својата искреност.

-          На крајот, неможејќи да се справи со целата ситуација, детето траумата ја закопува длабоко во себе, загрижено е за иднината на целото семејство, дури и за родителот силувач: дали тој ќе оди во затвор или не?

-         Детето ја повлекува изјавата!

 

Се прашуваме, до кога децата жртви на родсквернавење сами ќе се соочуваат со овие трауми? Има ли на кого да се потпрат?

 

Апелираме до институциите на системот да бидат внимателни кон децата жртви на сексуална злоупотреба. Влегувањето на постапката кај надлежните институции ако е несоодветно и непрофесионално изведена или ако на пример детето повторно се соочува со силувачот - тоа претставува повторување на насилството, само што во овој случај освен преживеаното сексуално насилство детето трпи психичко насилство и од самата институција, односно од поедини стручни лица вклучени во постапката.

 

Да се биде сведок или жртва на злосторство, а потоа да се учествува во судската расправа е многу тешко искуство за возрасни луѓе, а уште потешко за децата. Детето не ги разбира правните процедури кои се одвиваат, се плаши од новите ситуации и непознатите лица. Се срами да зборува за тоа што му се случило. Понекогаш се чувствува виновно, изгубено, уплашено и напуштено, се плаши дека нема да ги исполни очекувањата на возрасните.

 

Ги потсетуваме сите државни институции дека Република Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на детето и според член 34 државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање. За таа цел, особено е значајно државите членки да ги преземаат сите соодветни национални, билатерални и мултиратерални мерки за спречување на  сексуална злоупотреба и искористување.

 

На крајот, потсетуваме дека Република Македонија ја има потпишано Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба. Воедно бараме од Собранието на Република Македонија истата да ja ратификува.