Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


тренинг за ГРАГАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ НА ТЕМА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО И МОНИТОРИНГ 
Во периодот од 02 до 04 Април, 2009 година во Хотел Фени, Кавадарци се одржа првиот основен тренинг за граѓанските организации (ГО) кои ќе учествуваат во подготовка на Извештај во сенка за правата на детето на тема Правата на децата и мониторинг.

Целите на тренингот беа развивање на сензибилност кај учесничките и учесниците за правата на детето и различните видови насилство врз деца; поттикнување форми на конструктивно дејствување со цел да се превенира насилството врз децата; запознавање со системот/механизмите на следење и мониторинг  на детските права во Република Македонија; реактивирање на Националната коалиција на ГО-и од Република Македонија за правата на детето, вмрежување, развивање на меѓусебната доверба, соработка и комуникација; иницирање за подобро меѓусебно поврзување на ГО преку заедничко дејствување во процесот на остварување на правата на детето и демократизацијата на општеството.

На тренингот беа присутни 25 учесника, од 16 граѓански организации и тоа: Центар за граѓански иницијативи –Прилеп, Женска граѓанска иницијатива Антико – Кичево, Центар за балканска соработка Љоја – Тетово, Порта – Струмица, Совет за превентива на малолетничка деликвенција – Кавадарци, ХУ Мајка од Куманово, Пхурт – Делчево, Отворете ги прозорците – Скопје, Ла Страда – Скопје, Асоцијација за демократска иницијатива – Гостивар, Младински образовен форум – Скопје, Шелтер центар – Скопје, Полиоплус – Скопје и Прва детска амбасада во светот Меѓаши – Скопје.

-          Учесниците на тренингот беа избрани/делегирано од своите граѓански организации, за разлика од други тренинзи каде тренерскиот тим има можност да ги одбере преку селекција на апликации пополнети од потенцијални учесници кои се мотивирани за учество. Но и покрај тоа, групата имаше висок степен на јасна мотивација за учество. Групата беше соработлива, со висок степен на учество и подготвеност да работи на теми од областа на детските права, особено детското учество и мониторинг на детските права. Ова посебно радува бидејќи постои голема потреба да се работи на овие теми во Македонија. Меѓусебната поддршка беше составен дел од работата на тимот.

На крајот од тренингот учесниците пополнија евалуационен прашалник. Некои од искажаните искуства се следниве: 

- Научив многу за детските права и форми преку кои тие се мониторираат. Исто така се запознав со Конвенцијата за детските права. Законски рамки и конвенции;

-          Анализа на  случаите за нарушување на детските права, изнесување на искуствата на луѓето што директно работеле со злоставувани деца;

-          Анализата на реалните случаи која ја направивме. Размислувањата на луѓе кои директно работеле со злоставувани деца;

-          Би сакала да се продлабочи темата за индивидуалната и колективната одговорност;

-           Сакам да знам повеќе за индикаторите за кршење на детските права и за ингеренциите на релевантните институции;

-          Работата во група беше одлична, иако претходно повеќето не се познававме;

-          Работата во група беше позитивно, нејзиното ефикасно функционирање придонесе да се дознае вистинската суштина и цел за која се дадени вежбите;

-          Работата во група ја оценувам одлично  бидејќи имаше голем ентузијазам и вклученост од учесниците;

-          Се запознав со сите институции кои се одговорни за правата на децата и како треба да се постапи да се заштитат правата. Секако дека ќе го применам ова знаење во иднина доколку има потреба;

-          Научив работи кои ќе ми користат во работата, бидејќи меѓу себе разменивме искуства од нашата работа. Во мојата работа во врска со правата на децата и изготвување на извештајот;

-          Од тоа што беше презентирано, научив многу, и во зависност од ситуацијата би реагирала на начин на кој што би го применувала она што и го научив;

-          Мислам дека во секоја ситуација може да се искористи по нешто од ова искуство;

-          Интерактивниот метод на работа во пленум со отворена дискусија сметам дека е коректен, правилно применет во комбинација со вежби и симулации, што според мене остави впечаток на висок степен на подготвеност;

-          После овој тренинг се чувствувам многу посигурно, но мислам дека има уште многу работи што треба да се научат;

-           Ми беше задоволство што бев учесник на овој семинар и давам целосна поддршка за организирање на слични семинари во иднина;

-          Коалицијата треба да развие „поагресивен„ настап;

-                      Одлична дружба, интеракција, комуникација. Кога ќе се сретнеме повторно?

Тренинг за деца на тема Детските права и мониторинг 


Во периодот од 10 до 12 Април, 2009 година во Куќа на уметноста, Кнежино, Кичевско, се одржа Вториот Основен тренинг за децата на тема Детските права и мониторинг.

Домаќин на овој тренинг беше ГО  Антико  од Кичево.

Учествуваа 26 деца, на возраст од 9 до 18 години, од ЦГИ –Прилеп, Антико – Кичево, Љоја – Тетово, Порта – Струмица, СППМД – Кавадарци, ХУ Мајка од Куманово и Детската амбасада Меѓаши – Скопје.

Задача на обуката беше да им овозможи на учесниците продлабочување на знаењата од областа на правата на децата, Конвенцијата за правата на детето, како и со знаења кои ќе им помогнат во истражувањата за состојбата на детските права и мониторингот на детските права во Македонија, кое ќе треба да биде спроведено од страна на децата.

За време на одржувањето на тренингот се покажа дека има потреба од подетална разработка на целите и задачите поврзани со претстојната кампања за вклучување на сите деца во образованието како активност со која тие ќе покажат дека знаат што сакаат и дека можат да влијаат на политиките од интерес на децата. На тренингот покрај работата на планираните теми според програмата, децата направија сопствени планови за акција (секој град посебно) за начинот на изведба на активностите во кампањата и темите кои сакаат да ги промовираат. При работењето на конкретните активности  за кампањата учениците/учесничките сами ги осмислуваат активностите и се договараат меѓусебе, со што сакавме акцентот на одговорноста да биде врз нив и да прифатат дека тие се оние кои се главни столбови на кампањата, што и се потврди на самиот настан.
 
Глобалната недела на акција, се одржа во периодот од 22 до 26 Април, во Македонија и целиот свет, на која зедоа учество 60 деца вклучени во проектот (www.campaignforeducation).

На тренингот децата освен што се подготвуваа за престојната Кампања Образование за сите, тие стекнуваа знаења за правото на детето на  образование, но и како самите тие можат да изнајдат решенија и да учествуваат во прашањата за вклучување на секое дете во образование.


На крајот од семинарот сите учесници пополнија евалуационен прашалник.

На прашањето – Дали овој семинар го сметаш за корисен, сите присутни деца одговорија потврдно.

На прашањето зошто? Еве неколку одговори:

-          Зашто има феноменална атмосфера и многу нови пријатели. Сите сме сложни и учиме многу нови нешта, а што е најубаво учиме преку игра, забава и сите се активни;

-           Затоа што на овој семинар научив многу за детските права и научив како можам да им помогнам и што е најважно запознав многу другарчиња од цела Македонија;

-          Затоа што ги дознавме сите права на децата меѓу кои и едно најважно (право на детето да се школува);

-          Затоа што запознав многу другари, да научам повеќе за децата што не се школувани, и да им помогнам да се школуваат;

-          Бидејќи сите бевме вклучени во работилниците и мислам дека на еден начин ќе ја подобриме ситуацијата на пола на децата кои не се вклучени во образовниот систем.

На прашањето за коментари и прашања, еве неколку одговори:

-          Супер беше, интересно, забавно;

-          Би сакала повеќе заеднички дебати или дискусии за општи теми (уживав во нив). Дали и после крајот, овој проект ќе продолжи?

-          Се надевам дека ќе продолжат овие семинари во иднина, и дека пак ќе се сретнеме;

-          Дали ќе се одржи уште еден семинар со повеќе дена?;

-          Кога следи наредниот семинар? Едвај го очекивам!!!

-          Само продолжете така и нека има почесто семинари со повеќе дена;

-          Се беше супер прекрасно. МОЖЕ ПАК????

-          Па мое мислење е дека треба да одиме многу често на вакви семинари, да остануваме повеќе дена...а немам прашања.

Тренери на двата тренинга беа: Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац

Тренинзите претставуваат континуиран дел од активностите на проектот Градење култура на детско учество, финансиски поддржан од Европската Комисија, како дел од програмата за европски инструмент за демократија и човечки права – (ЕIDHR), a кофинансиран од УНИЦЕФ.