Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


Половина од силуваните деца жртви на родителитеВо последниве пет месеци, околу 16 деца од земјава биле жртви на сексуално злоставување, а од нив половината биле злоставувани од своите родители. Експертите наведуваат дека развојот на порноиндустријата и достапните интернет-видеоклипови, во кои тинејџерки облечени како ученички имаат сексуални односи со мажи неколку пати постари од нив, се главна причина за се почестите случаи на силување на децата во земјава.

Психолозите велат дека оваа патолошка појава не може да се контролира, но не може трајно да се излекува.
Според црната статистиката на Министерството за внатрешни работи, од почетокот на годинава се откриени 16 деца, кои биле жртви на сексуално малтретирање. Минатата година полицијата евидентира вкупно 83 кривични дела од овој вид, што е за 31 отсто повеќе од 2007 година, во која вкупно имаше 73 силувања на малолетници. Од МВР велат дека половиот напад на дете е најзастапено кривично дело од сексуалните деликти и дека најголемиот број од регистрираните сексуални деликти се извршени над деца, кои не наполниле 14 години.
Професорот по судска психологија, Спасе Макаровски вели дека силувањето на сопствените или на туѓите деца е специфична патологија, која не може трајно да се излекува, но може да се контролира ако превентивно се дејствува на тој начин што сторителот ќе се затвори и ќе се лекува.
- Најголемиот број од луѓето што го извршиле силувањето се во поодминати години, па затоа лекувањето е неефикасно. Со адекватна терапија во здравствена институција, однесувањето на овие луѓе може да се контролира, но не може да се излечи трајно. Голем е бројот на оние кои по излегувањето од затвор го повториле ова кривично дело - вели Макаровски.
Експертите велат дека лесната достапност до материјали со порнографска содржина, филмовите и неажурноста на службите за превенција, се главната причина поради која расте бројот на силувањата.
- Наместо акцентот да се става врз објаснување на подробностите од случаите и нивно регистрирање, подобро е отворено да се зборува за сржта на проблемот и како тој да се искорени. Преку едукација на службите, но и на популацијата за последиците од силувањата, како и зголемени казни за злосторниците, може превентивно да се дејствува и да се намали трендот на оваа страшна појава - вели Димитар Трајковски, професор по труд и социјална политика.
Тој и професор Макаровски велат дека силувања се случувале и порано, но со помала зачестеност, затоа што патријархалното воспитување на луѓето од Балканот не дозволувало обелоденување на грозниот чин. Луѓето тогаш молчеле за да го избегнат срамот, а денес отворено се зборува за ова кривично дело.
- Порано се регистрирале само по неколку случаи во годината, а сега толку се случуваат во една недела - заклучува Трајковски.
Од првата детска амбасада „Меѓаши“, вчера рекоа дека во последниве пет месеци им се јавиле три лица, кои пријавиле силување од најблиските.
- По мобилизирање на јавноста и државните институции за борба и превенција од педофилијата и од сексуалното злоставување на децата, сега треба да се мобилизираме и за заштита на децата од родосквернавење. Загрижувачка е состојбата за толку краток период да се откријат 8 случаи на родосквернавење - вели Драги Змијанац од „Меѓаши“.
Експертите велат дека треба да се зголемат затворските казни за ова кривично дело. Најмалата затворска казна што ја предвидува Законот изнесува 3 години.

Анита ДИМИТРИЈЕВСКА

Шпиц, 13 мај 2009

http://spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=2&tabid=1&EditionID=847&ArticleID=33243