Покана за учество на Глобалната кампања за вклучување на сите деца во образованиетоПрвата детска амбасада во светот Меѓаши деветта година по ред во Македонија ја организира како национален кординатор Глобалната кампања за образование. Во рамките на оваа кампања се спроведе Глобалната недела на акција 2009 која започна на 20 април и траеше до 26 април 2009 година. Мото на оваа недела на акција е ПИСМЕНОСТ ЗА СИТЕ! А главниот настан е ГОЛЕМОТО ЧИТАЊЕ кое се случуваше во повеќето училишта во Македонија.
Главниот настан по повод КАМПАЊАТА се одржа на 22 април во 12 часот на Градскиот плоштад во Скопје со марш.
На Плоштадот децата со транспаренти на кои беа испишани пораки за правото на сите деца на образование и писменост, мирно маршираа во знак на солидарност со сите деца на светот кои не одат на училиште и кои не знаат да читаат и пишуваат. Во светот има 774 милиони возрасни и 75 милиони деца кои не знаат да читаат и пишуваат. Во Македонија има над 18.500 деца кои не одат на училиште, од кои 2000 деца се на улица.
На 22 април во 13:30 часот 50 деца остварија средба во Собранието на Република Македонија со г-дин Сафет Незири, Претседателот на Собраниската комисија за образование, наука и спорт. Децата разговараа и поставуваа прашања во врска со образованието и за тоа што тој може да направи за децата кои не одат на училиште. Исто така децата побараа од Претседателот на Собраниската комисија да ја потпише писмената гаранција дека во текот на својот мандат ќе се залага да се оствари правото на секое дете да оди на училиште.
На 22 април во 15 часот децата остварија средба со г-дин Перо Стојановски министерот за образование и наука. На оваа средба децата имаа можност да поразговараат со министерот за значајноста на образованието, како и да му поставуваат прашања за тоа што тој како министер може да направи и ќе направи за сите деца кои не одат на училиште. Децата побараа од Министерот да објасни што тој до сега има направено во однос на залагањата за кои веќе ја има потпишано гаранцијата да се оствари правото на секое дете да оди на училиште.
На настанот на Градскиот плоштад во Скопје учествуваа деца од училиштата од Скопје заедно со деца гости од другите градови од Македонија (Струмица, Куманово, Кичево, Кавадарци, Тетово и Прилеп). На плоштадот беше поставен штанд на Првата детска амбасада во светот- Меѓаши, во близина на книжарницата Култура, каде што се делеа промотивните материјали за Глобалната недела на акција и каде што сите граѓани можеа да се информираат за активностите и целите на Глобалната кампања за образование, како и да се потпишат во книгата на впечатоци.
|
|