Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35

НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ СЕ РАЗМРДАА ПО СИЛУВАЊЕТО НА ДВЕТЕ МАЛОЛЕТНИЧКИДевојчињата препуштени во рацете на татко криминалец

Двете сестрички, кои три месеци биле силувани од татко им и од неговиот пријател, ќе бидат сместени во една од установите за социјална работа, а нивниот татко-силувач ќе го загуби старателството. Овие мерки ги најавија надлежните институции, кои пропуштија да го спречат сексуалното малтретирање на нивните штитенички. Центарот за социјална работа не бил на ниво на задачата затоа што на алкохоличар, кој бил евидентиран како криминалец, му дозволил да ги зема децата и да го поминуваат викендот со него, без никаков надзор, тврди Првата детска амбасада. „Меѓаши“ вчера јавно побара одговорност од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Како што тврдат оттаму, тие се виновни затоа што му ги довериле децата и што на таткото му овозможиле да остварува средби со нив. Тие тврдат дека Центарот морал да ги има предвид сознанијата за криминалното минато на таткото и дека требало да поведат постапка да му го одземат родителското право. Но, од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи се правдаат дека 34- годишниот родител-монструм Сашо С., кој бил нивни старател, имал право да ги посетува децата кога сака, а за време на викендите да ги зема кај себе. И покрај тоа што живеел во вонбрачна заедница со мајката на девојчињата, тој го признал татковството и ги имал сите родителски права. Двете девојчиња, едното на седумгодишна, а другото на осумгодишна возраст, во интернатот при основното училиште „Гоце Делчев“ во скопското село Љубанци биле сместени од 2006 година. Девојчињата во интернатот ги оставила нивната мајка, како што рекла, затоа што нема доволно пари да се грижи за нив. - Децата се сместени во интернатот, посетуваат настава, а со нив работат воспитувачи, кои им помагаат во домашните задачи и слободните активности - велат кусо од одделението за деца и за млади на Меѓуопштинскиот центар. Но, никој од надлежните не ја прифаќа одговорноста за пропустот во грижата за малолетните девојчиња. Никој вчера не сакаше да одговори на прашањето чија била должноста да се следи поведението на таткото или да разговара со децата како ги третирал додека биле кај него. Дел од вината лежи во недостигот од персонал во интернатот, во кој нема вработено ниту психолог, ниту педагог, кои би помагале за правилен развој на штитениците. Силвана Теризева, директорката на интернатот и на училиштето, објаснува дека не се надлежни да го следат престојот на децата кај старателот. - Токму ние ја откривме сексуалната злоупотреба, затоа што разговараме со децата што престојуваат во интернатот - тврди Терзиева. Вчера не добивме информации дали некој од институциите задолжени за детската заштита биле информирани за криминалното досие на таткото и дали забележале некое чудно однесување кај него. Но, некои признаваат дека, едноставно, немале механизми за тоа. - Некои работи, едноставно, не можат да се предвидат, а уште помалку да се спречат. Сега приоритет е да се заштитат децата, а старателството на таткото ќе му биде одземено - укажува Благица Качанска, раководителка на Одделението за старателство. Ова не е првпат деца што се штитеници во државни центри да бидат жртви на сексуална злоупотреба од нивните татковци. Само пред еден месец јавноста ја потресе инцестот направен во кичевско Лисичане, а 16-годишното девојче, со нарушено ментално здравје, очекува бебе од сопствениот татко.

Време, број 1619, 17.03.2009

http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=4&tabid=1&EditionID=1650&ArticleID=109776