Над 17 илјади деца побарале помош во МЕЃАШИНад седумнаесет илјади повици за помош поврзани со злоупотребата и насилството над децата и малолетничката деликвенција биле упатени во последните 16 години до црвениот телефон на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.
Прво место на црната листа е насилството, а зад него следуваат проблемите во семејството и во училиштето. На самото дно на листата е малолетничката деликвенција.
- Децата претставуваат ранлива група во секое општество. Тие се инволвирани во семејните проблеми и зависни од постапките на возрасните. Токму затоа СОС-линиите за помош им ја даваат можноста на децата да ги изразат нивните проблеми. Функцијата на СОС-телефоните е од огромно значење и важност, бидејќи тие претставуваат значаен механизам на поврзување со децата, што овозможува гласот на секое момче и девојче да биде слушнат. Нивната мисија е да одговорат на детските потреби за грижа и заштита. Добро е да се знае дека од помошта и поддршката, децата ги дели само еден телефонски повик - велат од Меѓаши.
Неделава се одбележува светскиот ден на СОС-телефоните за помош и поддршка на децата во светот.
Во „Меѓаши“ појаснуваат дека значајната улога за работата на овој телефон и во решавањето на проблемите на децата ја имаат младите луѓе, студентите, психолози, социјални работници, правниците што се ангажирани во проблемот со децата.
Според анализите на Меѓаши од јавувањата на СОС-линијата, во шеснаесет годишното работење на Амбасадата биле регистрирани 17.407 повици.
Минатата година кај нив биле регистрирани 360 повици, а било интервенирано во 199 случаи. Споредбата на повиците во 2007 година и оние од минатата година, за жал покажува оти злоупотребата и насилството на децата е драстично порасната.
Телефонските јавувања за насилство и злоупотреба на децата лани се зголемил за 25 отсто во споредба со 2007 година.
Од „Меѓаши“ додаваат оти и понатаму продолжуваат активно да работат и внимателно да го следат секој повик на СОС-линијата, и ги охрабруваат сите деца жртви на било кој вид на насилство да не ги кријат траумите туку веднаш да пријавата на СОС-линијата, која благодарение на Македонски телекомуникации, од 2005 година овозможува бесплатно користење за сите јавувачи.
Новинар Д.Ј.
Нова Македонија 19.5.2009
http://www.novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=2&tabid=2&fCat=1&top=1&EditionID=397&ArticleID=24910
|
|