Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35

„Меѓаши“ бара одговорност за последниот случај на родосквернавењеПрвата детска амбасада во светот „Меѓаши“ побара одговорност од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје поради последниот случај на педофилија, кога татко ги силувал своите две малолетни ќерки. „Меѓаши“ смета дека родосквернавењето не би се случило доколку Центарот не му ги доверил на скопјанецот С.С. (34) и му дал дозвола да ги гледа своите ќерки на возраст од седум и осум години, иако знаеле дека тој е зависник од алкохол и осомничен за кражби.

Девојчињата учеле и престојувале во интернат бидејќи С.С. повеќе не живеел во вонбрачна заедница со нивната мајка (28), која ја терал да се проституира и да питачи. Насилникот ги земал децата преку викендите и ги носел во соба во барака на улицата Босна и Херцеговина, каде што привремено престојувал. Таму тој и неговиот пријател Д.З. ( 28) наизменично сексуално се изживувале врз децата и ги тепале заканувајќи им се дека ќе ги заколат нив и мајка им.

- Бараме од центрите за социјална работа да имаат засилен увид и да преземаат соодветни мерки за превентива и надзор во дисфункционални семејства. Тоа значи честа посета на семејствата, директен контакт со децата со психосоцијално советување и слично. Центрите за социјална работа треба да бидат помобилни, поефикасни и континуирано да ја следат состојбата на можни злоупотреби на деца во семејства со ризик за да можат превентивно да дејствуваат - велат од „Меѓаши“.

Од детската амбасада ги потсетуваат одговорните во државните институции дека државава ја има ратификувано Конвенцијата за правата на детето и се има обврзано да ги почитува сите права предвидени со таа конвенција. Последните случаи на сексуална злоупотреба на децата се повторен пример на најсурово кршење на правата на децата загарантирани со Конвенцијата. Според член 34 од Конвенцијата, државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање.

- Сметаме дека е многу важно за насилството да не се молчи и затоа ги охрабруваме децата, родителите, најблиските да го пријавуваат сексуалното насилство и злоупотреба - велат од „Меѓаши“.

http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=C6A412D301B92141AF5CC174BE3525B1

Дневник, 17.3.2009