Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


Македонските педофили имале проблематично детствоАвтор:  Драган Јованов
 
Татко две години ја силувал својата малолетна ќерка, чичко една година сексуално ја малтретирал четиринаесетгодишната внука-ќерка на негов братучед, татко заедно со свој пријател си ги силувал двете малолетни ќерки. Ова е дел од вестите што деновиве го потврдуваат секојдневното присуство на педофилијата и на родосквернавењето во Македонија.

- Кај педофилите се случило „стоп“ на психосексуалниот развој, затоа тие се чувствуваат еднакви на децата или децата ги чувствуваат рамни на себе. Некои од нив биле сексуално малтретирани во детството, па го следат тоа како прв модел на комуникација со детето. Според Фројд, таквата личност несвесно низ љубов врз детето се сака себеси. Понекогаш сексуалната комуникација со децата, за педофилите претставува демонстрација на машкоста низ споредувањето на гениталиите непосредно со жртвата - вели психолог, Вера Цуракова.

Некои од децата-жртви малтретирањата ги доживувале како игра, некои како непријатен настан, а некои жртви, пак, тоа го доживеале трауматично и со тешки последици. Честопати се случувало кај децата откако ќе бидат сексуално малтретирани, да се развие чувство на вина и да мислат дека тие биле причината за тој чин, а некои жртви на педофилијата, пак имаат постојани мисловни преокупации и се во постојани очекувања на нова опасност - додава Цуракова.

Таа вели дека децата по траумите што ги доживеале треба да бидат сместени на места каде што ќе бидат безбедни и ќе бидат опкружени со љубов за да можат да воспостават повторна контрола на реалноста. Затоа, за да се спречи ваква појава, најдобро е уште од рана возраст пред нив да се зборува во трето лице, како таков настан се случил негде, за тие да слушаат и со текот на времето сe повеќе да и се доближуваат на информацијата.

Од Центарот за социјални работи (ЦСР) информираа дека во земјава нема посебни домови каде што треба да бидат сместени сексуално малтретираните деца. Тие велат оти по откривањето на таквите случаи прво ја утврдуваат психосоцијалната состојба на семејството за да видат дали има услови детето да остане со мајката или со блиските роднини. А ако и тогаш не се исполнети условите, ЦСР, привремено го одзема детето и го сместува во згрижувачко семејство.

Според првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, бројката на откриените случаи на педофилија и родосквернавење е загрижувачка, а од почетокот на годината кај нив имало пријавено три случаи, а други осум биле откриени од МВР.

- За неполни пет месеци имаме регистрирано единаесет вакви случаи, а според нашите анализи, во осумдесет отсто од случаите на педофилија децата се жртви на своите родители или на блиските роднини. На нашиот СОС-телефон од вкупниот број повици десет отсто се пријави за сексуално насилство и злоупотреба на децата, а ваквите случаи честопати се пријавуваат и со задоцнување од пет до десет години - вели Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“.

Според „Меѓаши“, за да се заштитат децата-жртви на сексуална злоупотреба, треба да се отвори национална СОС-линија, која ќе работи 24 часа, да се формираат прифатилишта или децата да бидат сместени во згрижувачки семејства, каде што постојано ќе бидат опкружени со љубов, и да се отворат советувалишта за третман на децата-жртви и на нивните семејства.

Со измените во Кривичниот законик најниската казна предвидена за педофилите кај нас е десет години затвор, а највисоката казна е доживотен затвор. Нови долгогодишни затворски казни ги чекаат и лицата што ќе извршат родосквернавење. Така, наместо досегашните максимални пет години, нив ги чека затвор од најмалку десет години. Ако пак некој воспитувач, наставник или старател изврши полов напад врз малолетник, зад решетки ќе остане 10 до 15 години и никогаш повеќе нема да може да ја врши својата професија.


Нова Македонија, 27 мај 2009


http://novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=2&fCat=1&top=1&EditionID=403&ArticleID=25447