Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


Истражување за правата на детето
Во текот на месец мај 2009 година, Детската амбасада Меѓаши, во соработка со партнерските организации од градовите Куманово (ХО Мајка), Тетово (Центар за балканска соработка – Љоја), Прилеп (Центар за граѓанска иницијатива), Кавадарци (Совет за превентива на малолетничка деликвенција), Струмица (Центар за одржлив развој – Порта) и Кичево (Женска граѓанска иницијатива Антико), подготви прашалник за истражување на состојбата на детските права во Македонија.

Податоците од истражувањето треба да послужат за подготовка на Алтернативен Извештај за состојбата со детските права во Македонија кој треба да се презентира во Женева, во фебруари 2010 година, пред Комитетот за правата на детето при Обединетите нации.

Во подготовката и реализацијата на прашалникот учествуваа 120 деца од градовите Куманово, Скопје, Тетово, Прилеп, Кавадарци, Струмица и Кичево.

Првата верзија на прашалникот беше направена од страна на децата и првичната идеа за прашалникот беше прашалник со максимум 10 прашања. Во текот на работата, произлезе оргомен интерес од страна на децата за тоа дека прашалникот треба да содржи многу поголем број прашања.

Во таа насока произлезе соработка со Агенцијата Брима – интернационална агенција за подготовка и реализација на анкети и прашалници која несебично ни помогна во подготовката на прашалникот со стручна и професионална поддршка. Исто така, во дооформување на прашалникот, насоки добивме и од проф. Др. Мариа Доневска, членка на колегиумот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

После завршената работа (завршниот облик на прашалникот), можеме да кажеме дека сме особено горди, што во таа зедничка работа, децата покажаа огромен интерес и со заеднички сили подготвивме прашалник со 63 прашаења.

Прашањата се од областа на правата на децата (на пример колку и од каде децата се запознаени со своите права); кршење на детските права (кој ги крши детските права и каде); насилството во семејството, училиштето и местото на живеење; дискриминација; наметнување на ставови; деца со хендикеп; важноста на информирањето од различни области за правилниот раст и развој на децата; образование и заштита на правата на детето (каде и како детето може да се обрати кога се повредени неговите права).

Пред реализација на истражувањето на терен, децата анкетари, како и координаторите на секоја од групите деца од 7 града и 16 општини, помина низ обука. Работилницата се одржа на 06 Мај со 20 учесника, а ја одржа Ивана Тодевска, проект менаџерка од Агенцијата Брима.

Обуката се состоеше од три дела:

- Во првиот дел се спроведе детална разработка на прашалникот, одејќи прашање по прашање. Секој анкетар требаше да има јасен увид во прашањата и јасен одговор на секое можно поставено прашање од страна на учениците – учесници во анкетирањето; - Вториот дел од обукате се однесуваше на кодексот на анкетарите (неутралност и непристрасност на анкетарот; доверливост на податоците; анонимност и др); - Третиот дел на обуката зборуваше за методологијата на спроведување на истражувањето (правила за пополнување на прашалникот; собирање на веродостојни податоци).

Обуката имаше за цел можност секој анкетар да се стекне со знаења и вештини потребни за спроведување на прашалниците на терен.

Реализирањето на истражувањето (спроведување на прашалниците) беше извршено од страна на 120 деца кои учествуваат во проектот Градење култура на детско учество, во основните (вкупно 56) и средните (вкупно 33) училишта во своето место на живеење.

Беа подготвени 2300 прашалници на македонски и албански јазик кои се спроведоа во петтите, шестите, сеедмите и осмите одделенија при основните училишта и во прва, втора и трета година при средните училишта.  

Пополнувањето на прашалниците беше реализирано во 16 општини во Република Македонија и тоа во општините Куманово, Тетово, Кичево, Кавадарци, Прилеп, Струмица и Скопје во општините Кисела Вода, Аеродром, Центар, Чаир, Гази Баба, Шуто Оризари, Сарај, Карпош, Ѓорче Петров и Бутел.

Искажуваме голема благодарност на општините и раководствата во основните и средни училишта, кои го поддржаа истражувањето токму во нивните училишта, како и благодарност на сите ученици кои учествуваа во истражувањето и дадоа свој допринос.

Изјава од деца – анкетари во врска со анкетирањето:

-         Анкетирањето се одвиваше без проблеми. Учениците од сите возрасни категории соработуваа со нас, беа задоволни од концептот на прашањата. Немаше никакви забелешки ниту за формата на прашалникот, ниту пак за начинот на кој ние, децата анкетари ја извршувавме својата задача. Се се одвиваше во најдобар ред и се надеваме дека ја постигнавме целта на истражувањето (Валерија – 12 години, Мери и Дијана – 16 години од Прилеп).

 

Истражувањето претставува дел од активностите на проектот Градење култура на детско учество, кој е финансиски поддржан од Европската Унија, преку  програмата ЕИДХР, а кофинансиран од УНИЦЕФ.