ИНТЕРНЕТОТ - МАГНЕТ ЗА ПЕДОФИЛИ И ЗА КРИМИНАЛЦИ И мрежите за дружење се опасни за децата Македонските тинејџери преку разголени слики, лични податоци, јавно соопштени ставови, стануваат цел на злоупотреби од педофилите и од интернетските криминалците. Со свои профили на мрежите за дружење „фејсбук“, „хајфајв“, „мајспејс“ и слични на нив, младите често и не се свесни за опасноста што потекнува од ова интернетско задоволство, предупредуваат информатичарите.
Малолетниците преку овие мрежи стануваат пријатели со луѓе што никогаш претходно не ги виделе во животот не знаејќи што може да се крие од другата страна на екранот. Тие неретко договараат и лични средби, а на овој начин се изложуваат на опасноста да станат жртви на проституција, педофилија, па дури и на трговија со деца. - Сајтовите стануваат премногу комерцијални и секој што ќе посака може да има пристап до вашиот приватен живот, што не е во ред. Постојат луѓе што деноноќно се на интернет и, буквално, ви чепкаат во интимата. Затоа и неодамна го избришав мојот профил, откако забележав дека луѓе што не ги познавам ми оставаат непристојни предлози - вели една поранешна „зависничка“ од „фејсбук“. И од Првата детска амбасада „Меѓаши“ потврдуваат дека се повеќе млади се врбуваат преку интернет и дека овој проблем станува многу сериозен. - Најчесто се пробиваат лозинките на нивните профили и притоа се вметнуваат туѓи фотографии, а се оставаат и непристојни коментари. Од почетокот на годината кај нас се регистрирани два случаја на злоупотреба на лични податоци преку интернет, а неретки се и поплаките за средби во живо. Во нашата земја не постојат истражувања и конкретни податоци од овој вид, но, сепак, се регистрирани поголем број пријави - велат од „Меѓаши“ и подвлекуваат дека децата на возраст од 5 до15 години се најпогодени од оваа појава. Првата детска амбасада и Фондацијата „Метаморфозис“, минатата година го формираа сајтот „безбедно на интернет“, на кој младите може да се информираат како да се заштитат додека користат интернет. Проектот вклучуваше и предавања во средните и во основните училишта во земјава, на кои тинејџерите беа советувани за опасностите што им се закануваат додека се „закачени“ на глобалната мрежа. Парични казни од 500 до 4.000 евра им се закануваат на сите што ќе се обидат да злоупотребат лични податоци преку интернет. Со измените на Законот за заштита на личните податоци од август минатата година, место судот, казните за прекршителите ги одредува Дирекцијата за заштита на личните податоци. На овој начин се скратува и постапката, а и времето на изрекувањето на казната. Од Дирекцијата велат дека до нив минатата година стигнале 52 барања за проверки за злоупотреби и дека сите биле проверени, но не е изречена ниту една казна. Оттаму предупредуваат дека голем дел од податоците остануваат достапни на глобалната мрежа дури и откако ќе го избришат профилот. Тие апелираат до младите да внимаваат со информациите што ги оставаат на интернет бидејќи може да бидат злоупотребени од интернетските криминалци.
Ја присилил на порно клип
Дваесет и двегодишно момче од Демир Хисар, жител на селото Света, натерал малолетно девојче самото да се снима на порнографски спот со мобилен телефон, кој потоа им го препраќал на пријателите. Педофилот М.С. во март се сретнал со 16-годишната Х.Н од селото Единиковци, Демирхисарско, и под изговор дека треба да му го врати долгот, ја принудил да се снима во компромитирачки пози. Потоа спотот го префрлил на својот мобилен телефон и им го препраќал на пријателите.
Рестрикција за порносајтовите
Германија минатата недела донесе посебен Закон, со кој провајдерите се обврзуваат да ги блокираат сајтовите со детска порнографија што се на владината црна листа. Законот ќе ги опфати сите провајдери што имаат повеќе од 10.000 корисници. Од кабинетот на канцеларката Ангела Меркел објаснија дека зад секое видео или фотографија на интернет стои по едно злоупотребено дете. Целта на Законот е да се намали бројот на посетителите на детските порносајтови, што во последниве неколку години бележи вртоглав пораст. Само во 2007 година биле регистрирани 6.206 случаи на детска порнографија
http://vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=1691&ArticleID=112832
|