Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


Иницијатива за вклучување на децата во училиште

Дневниот центар за деца кои не одат на училиште функционира во Детската амбасада од јуни 2007. Дневниот центaр во 2007. само 6 месеци беше финансиски поддржан од Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, а од 2008. Досега работи со поддршка од бизнис секторот и граѓаните. Од исклучително важно значење за овие деца е продолжувањето на работата на Дневниот центар за да не го изгуби ефектот сето она што досега е направено. Децата веќе стекнаа навика да доаѓаат тука, редовното доаѓање им беше многу значајно и дури бараа почесто да го посетуваат Дневниот центар. Имајќи предвид во какви услови живеат доаѓањето во Дневниот центар е можност и за намалување на штети. Понекогаш во центарот доаѓаа и помалите членови на семејството со цел да се избањаат, да добијат барем една ужинка во денот и да поминат малку време во топла просторија. Учеството во работилниците покрај овие активности им овозможува да се изразат себе си, да ги развијат своите капацитети кои средината не им дозволува и да научат нови корисни работи. Децата и нивните семејства исто така добиваат облека, обувки (како донации од граѓаните), обезбеден им е полесен пристап до здравствената заштита и остварување на нивите права...

Бидејќи бројот на децата на улица на територија на Скопје е околу 1000, ние овозможуваме згрижување на децата кои не одат на училиште а кои живеат на територијата на Општина Аеродром  каде всушност се наоѓа и Детската амбасада. Многу е значајно за оваа целна група Дневниот центар и физички да биде поблиску до местото на нивно живеење. Така не само децата туку и останатите членови на семејствата ги користат услугите на нашиот Дневен центар. Децата кои не одат на училиште, се изложени на здравствени ризици бидејќи имаат многу малку облека на нив особено во зима. На здравствени ризици се изложени и поради условите во кои живеат. Имено најголем дел од нив живеат во импровизирани куќи од картонски кутии и најлони, без струја и вода, без санитарни чворови. Поради лошите економски услови децата не се хранат редовно, ниту квалитетно.

Главна цел на Дневниот центар е да им се овозможи на децата на улица и уличните деца инклузија во општеството, психо-социјална поддршка и интервенција преку вонинституционална форма на социјална заштита. Во рамките на Дневниот центар се нудат најразлични услуги во зависност од потребите на децата (одржување на хигиената, овозможување примарна здравствена заштита, групна социјална работа, застапување и лобирање за заштита на нивните права, поддршка на нивните родители...). Семејствата чии деца ги користат услугите на Дневниот центар исто така кога сакаат облеката од децата ја добиваат испрана бидејќи ние располагаме со машина за перење и за сушење. Последниве 6 месеци во работата на центарот беа опфатени 20 деца на улица од општина Аеродром, на возраст од 5-14 години.

Покрај работа со децата ние работиме и со родителите односно семејствата. Ним им овозможуваме помош во реализирањето на здравствените и социјални права, што подразбира помагање во остварувањето на правото на здравствена заштита за нивните деца, полесен пристап до здравствени услуги, информирање за социјалните права и начини на нивно реализирање. На овој начин овозможуваме ублажување на ефектите од социјалната исклученост.

Дневниот центар е самиот факт дека се обезбедени простории во соработка со Располагаме со две простории со парно греење каде можат да се спроведуваат работилници, кујна во која децата можат да јадат и купатило со две туш кабини и машини за перење. Сите овие ресурси се ставени на располагање на Дневниот центар.

Им благодариме на сите фирми и граѓани кои ја помагаат работата на Дневниот центар како и на сите волонтери кои несебично се вклучуваат во поддршката на овие деца работејќи со нив, а најмногу на Анка Павловска, Александра Јаргиќ, Маја Фотевска, Реџеп Раими, Виолета Павловска, Камелија и Андријана. Исто така упатуваме благодарност до Министерството за одбрана на Република Македонија во чии простории се спроведуваат активностите на центарот и целокупната работа на Детската амбасада Меѓаши, без надомест за кирија.

Иницијатива за вклучување на децата во училиште

Поминувајќи го најголемиот дел од денот на улица децата се всушност надвор од образованието и ја пропуштаат можноста за развивање на своите капацитети и стекнување знаења кои понатаму ќе им овозможат вклучување во општествениот систем и нивна интеграција во социјалната сфера на живеење. И секако самиот факт што децата наместо на училиште, како што наложува Уставот на Р.М. и Законот за основно образование, се всушност на улица претставува можност за злоупотреба на детски труд и бројни форми на злоставувања и други ризици.

Токму поради тоа, со цел да ги вклучиме овие деца на училиште, остваривме две средби. Во април 2009. имавме состанок со г-дин Рамо Рамадани директор на вечерното училиште Макаренко, во Скопје. Г-динот Рамадани истакна дека не постојат законски и др. пречки за отворање на паралелка за овие деца во нас. Аеродром и истото тоа го потврди на втората средба во јуни 2009. Во мај 2009. беше остварена средба со раководителката на секторот за образование при општината Аеродром, Елизабета Томеска. На состанокот беше изразена подготвеноста од страна на општината да излезе во пресрет на ова барање на тој начин што ќе овозможи спроведување на наставата во едно од училиштата во општината. Се надеваме дека овие договори ќе се имплементираат и ние искрено веруваме дека таа паралелка ќе профункционира од септември 2009.!