Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


Двојна казна за педофилитеМаксималната затворска казна за педофилите, која достигнува и до 10 години, може да биде доволен период за тие лица да се ресоцијализираат. За жал, во земјава нема доволен број на експерти кои би работеле со нив и правилно би ги насочиле, велат познавачите.


Во земјава само во последните пет месеци се случија околу 16 силувања на деца, од кои половината биле злоупотребувани од своите родители. Некои земји, проблемот со педофилите го решаваат со смртна казна, доживотен затвор или хемиска кастрација, но експертите велат дека тоа не е решение за оваа се позачестена негативна појава.
- Државата не му го дала животот на човекот и таа нема право да му го одземе. Педофилите во затворите се третираат како специфична група, која е најомразена меѓу затворениците, па затоа тие често пати се цел на исмевање, малтретирање и потценување од другите затвореници. Често пати и убијците се згрозуваат од нивните дела - објаснува професорот по пенологија, Љупчо Арнаудовски.
Тој вели дека со адекватна терапија и работа, на овие луѓе може да им се подобри состојбата, но во земјава нема доволен број специјализирани социјални работници, кои би можеле секојдневно да им го посветат потребното внимание.
- Германија пред неколку години ја воведе кастрацијата како опција, со тоа реши еден проблем, но создаде нов. Кастрацијата целосно го менува животот на човекот, трајно го жигосува и го обележува - вели Арнаудовски.
Од невладината „Меѓаши”, пак, велат дека минималната затворска казна за ова дело треба да биде 15 до 20 години, а во случај на силување деца под 14 години, педофилите треба доживотно да се осудат на затвор.
Драган Змијанац од „Меѓаши“ вели дека казната за прекршителите е и опомена дека државата го подигнала прагот на нетолерантност кон педофилите и се ставила во максимална заштита на децата, но со примена на казната доживотен затвор, конечно, во Македонија може да се стави под контрола педофилијата и родосквернавењето.
Змијанац нагласува дека во земјава нема сигурен третман за работа со педофилите додека тие се на издржување на казната, дека нема сигурен надзор и следење на педофилите по напуштањето на затворот и дека педофилите во најголем број случаи го повторуваат делото.
- Таквиот ризик ја оправдува казната доживотен затвор за овие тешки кривични дела. Државата мора да преземе мерки за максимална заштита на децата во земјава - додава Змијанац.
На прашањето како и колку треба да се казнуваат педофилите кај нас, од десетина анкетирани граѓани, дури седум побараа казна 25 години или доживотен затвор, а само тројца побараа смртна казна. На истото прашање се одзваа и дел од естрадните личности, кои побараа строги затворски казни за педофилите.
- Кога се децата во прашање нема прошка. Јас сум застапник за највисоки и најригорозни мерки, но сепак не и за смртна казна, затоа што сум хуманист. Сметам дека државата треба да направи анализа на профилот на педофилот кај нас, бидејќи во земјава се јавуваат млади, но и педофили постари од 40 години - вели актерката Весна Петрушевска.
Оперскиот пејач Борис Трајанов не предложи конкретна висина на казната, но рече дека затворски казни за овие луѓе мора да постојат.
- Не сум правник и не можам да кажам колкава казна е потребна за ова кривично дело, но оваа појава не смее да се толерира. Генерално, нашите затвори треба да ги подобрат условите. Доколку некому му се одземе слободата, тој треба да биде сместен во хумана околина - вели Трајанов.

Анита ДИМИТРИЈЕВСКА

Шпиц, 14 мај 2009

http://spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=3&tabid=1&EditionID=848&ArticleID=33268