Децата очајно бараат помош Анита ДИМИТРИЈЕВСКА
За 25 отсто пораснал бројот на регистрирани телефо- нски јавувања на деца кои се пожалиле дека нивните родители сексуално и психички ги малтретирале. Од вкупно 360 јавувања во текот на една година, дури 140 биле од деца кои биле сексуално малтретирани од родителите.
Анализата на повиците, која по повод 17 мај - светскиот ден на СОС-линиите ја направи првата детска амбасада „Меѓаши“, вели дека најголемиот број од јавувањата во центарот биле од деца кои се пожалиле дека се жртви на своите родители. Според нив, во 2008 година бројот на деца кои пријавиле силување од домашните пораснал за една четвртина во однос на 2007 година. Во првите пет месеци од 2009 година, центарот интервенирал во три случаи на телефонски поплаки од силувани деца. Експертите, пак, сметаат дека овој пораст на малтретирање и силување се должи на динамичното време, стресот, насилството на телевизија и развојот на порноиндустријата. - За пет месеци полицијата напиша осум кривични пријави за родители кои сексуално ги малтретирале своите деца, а во нашиот центар имавме три повици од малолетници кои биле силувани - вели Драги Змијанац од „Меѓаши“. Тој дополни дека последната година центарот добил и 123 повици за семејно насилство, што е за околу 10 отсто повеќе во однос на претходната година. - Функцијата на СОС-телефоните е од огромно значење и важност бидејќи тие претставуваат значаен механизам на поврзување со децата, што овозможува гласот на секое дете да биде слушнат. Нивната мисија е да одговорат на детските потреби за грижа и заштита. Добро е да се знае дека од помошта и поддршката, децата ги дели само еден телефонски повик - вели Змијанац. Професорот по криминологија и пенологија Љупчо Арнаудовски ги храбри децата кои ги пријавуваат злосторниците и се јавуваат на СОС-линиите, но потсетува дека силувањето на малолетниците не е новост и дека таквите кривични дела се случувале и порано само што за нив луѓето молчеле. - Насилството врз децата и најблиските постоело отсекогаш, но изгледа „популарно“ затоа што денес за него се зборува отворено. Луѓето гледаат насилни сцени и ги применуваат, од друга страна порноиндустријата масовно се развива. Сето тоа има влијание - вели Арнаудовски.
Проблемите на училиште се намалуваат
Статистиката зборува дека во последнава година во СОС-центрите се регистрирани околу 9 отсто повеќе повици за помош за затегнати семејни односи, но и речиси 4 отсто повеќе повици за помош за правни работи. Во последнава година драстично е намален бројот на деца кои пријавиле училишни проблеми или побарале финансиска помош.
Spic, 18.5.2009
http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=3&tabid=1&EditionID=851&ArticleID=33365
|