Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


Активности кои бе реализирани во Прилеп по повод Глобалната недела на акција 2009 
 Работната група на деца во која членуваат 11 ученици од ОУ Кочо Рацин и Гимназијата Мирче Ацев од Прилеп реализира посета на неколку основни и средни училишта во градот каде подели промотивен материјал и ги запознаваше врсниците за детските права. Исто така на децата им беа поделени и разгледници на кои тие ги пишуваа своите желби, барања, сугестии за правата за кои сметаат дека не им се остварени.

На 21 април работната група предводена од одговорното лице во периодот од 11 до 12 часот го посети кабинетот на градоначалникот на општина Прилеп господин Маријан Ристески. Присутни на состанокот беа претставници на локалните медиуми и голем број на новинари кои известуваа за средбата.

На почетокот на децата им се обрати г-ѓа Винета Иваноска- Виш соработник, која го презентираше Локалниот акционен план за правата на децата во општина Прилеп. Откако на градоначалникот му беа предадени честитките на кои предходно учениците ги имаа напишано своите барања, желби, сугестии, тој ги прочита пред сите присутни. Сите прашања кои беа поставени се однесуваа на образованието и активностите во кои се вклучени децата во рамките на образованиот процес. Прашања кои беа поставувани на оваа средба беа:

Какво е Вашето образование, како сте го стекнале и што би сакале да бидете доколку не сте градоначалник;
Дали Ви е познато дека над 18.500 деца во Македонија во овој момент не можат да го остварат своето право да одат на училиште;
Што конкретно ќе преземете за да се вклучат сите деца во настава;
Како реагирате кога ќе видите дека има деца кои уште од најмала возраст просат на улица и од најмали нозе се злоупотребува нивниот труд од страна на нивните родители.
 
Градоначалникот успеа да одговори на повеќето прашања, ги нагласи неговите искрени заложби за подобрување на условите во училиштата и целокупната образовна инфраструктура, вклучувајќи изградба на спортска сала во секое основно и средно училиште, особено за вклучување на сите деца во образовниот процес, дека посветува внимание на децата од ромската заедница за кои се согласи дека се се уште ранлива група и потенцираше дека во рамките на неговиот мандат ќе се реализира Локалниот акционен план за правата на децата во општина Прилеп.

На крајот на средбата на градоначалникот децата му врачија Гарантен лист кој го потпиша и што вети дека ќе се залага да се оствари правото на секое дете да оди на училиште.