Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34

ВО СТРУШКОТО СЕЛО ЛАБУНИШТАДеветгодишно девојче силувано од пријател на мајката

Според „Меѓаши“, од ОУ „Лабуништа“ пријавиле дека Центарот за социјални работи во Струга не интервенирал, но од Центарот велат дека се целосно запознати и вклучени со свои активности околу случајот

Деветгодишно девојче од струшкото село Лабуништа пред две недели било силувано од пријател на нејзината мајка, која завчера ја претепала ќерката, реагираше вчера Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, откако на нивниот СОС-телефон од вработени во Основното училиште во селото добиле пријава за насилството.

Според „Меѓаши“, Сенада Башкими, секретар и правник во ОУ „Лабуништа“ изјавила дека за насилството врз девојчето го известиле Центарот за социјални работи во Струга, но дека оттаму веќе две недели не дошле во селото да разговараат со мајката.

- Во училиштето се јавила сосетка, која ги информирала дека мајката ги тепа децата. Сенада ни потврди дека девојчето кога дошло на училиште било целото потечено и помодрено. Го повикале Центарот за социјални работи во Струга, но им одговориле дека немале автомобил за да дојдат. Според зборовите на Сенада, мајката живее со пет малолетни деца и насилно се однесува со нив, без никаква грижа и заштита. Девојчето има околу 15 килограми и е изгладнето и трауматизирано. Насилникот, според нејзините кажувања, е некој пријател на мајката. Постои сомневање дека мајката се занимава со проституција и дека е можно и подведување на децата од нејзина страна - велат од „Меѓаши“.Од струшкиот Центар за социјални работи велат дека се целосно запознати и вклучени со свои активности околу случајот на девојчето од Лабуништа.

- Ние следиме се'што се случува околу малолетната ученичка уште од 27 јануари,кога таа е однесена во Медицинскиот центар во Струга поради обилно крвавење. Неколкупати сме биле во нејзиниот дом во селото, разговарано е со нејзината мајка и со други лица, а сите активности и'се познати и на полицијата. Засега не можеме да донесеме заклучок дека малолетната ученичка е жртва на педофилија и проституција. Нашиот центар има воспоставено старателски надзор врз децата на ова лабунишко семејство - изјави Кармен Матоска, психолог во Центарот за социјална работа во Струга.Портпаролот на ОВР Охрид, Стеван Димоски,за „Дневник“ рече дека полицијата нема информации за педофилија и подведување на проституција во Лабуништа.

- Се работи по определени информации, а ако има такво нешто, јавно ќе биде соопштено - изјави Димоски. Случајот во „Меѓаши“ бил регистриран на 30 јануари, кога на СОС-телефонот се јавила Сенада за да пријави сексуална злоупотреба на ученичка во тоа училиште.

- Девојчето живее со својата мајка и со четири браќа и сестри. Кога ни го пријавија случајот, ние веднаш реагиравме до подрачната Полициската станица во селото Лабуништа, како и во Полициската станица во Струга. Исто така, се обративме и до болницата во Струга, но оттаму ни одговорија дека не можат да дадат таква информација, туку за овој случај да се информираме преку Центарот за социјални работи во Струга. Се обративме до Центарот, меѓутоа на нашите телефонски повици никој не одговараше. Затоа со писмено барање пред една недела реагиравме до Центарот за да не' информираат дали се запознаени во каква состојба е девојчето, дали злосторникот е приведен во полиција и какви мерки се преземени. До денеска во „Меѓаши“ не е одговорено од страна на Центарот - велат во Првата детска амбасада во светот.

Никола Шутиноски

Дневник, 14.2.2009

http://www.dnevnik.com.mk/?itemID=3E5F76A3C3BEC74A86DE149BBD961C30&arc=1