Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34

СУДИИТЕ СЕ ПРЕМНОГУ ТОЛЕРАНТНИ КОН ПЕДОФИЛИТЕКазната доживотен затвор се уште само на хартија

Казна доживотен затвор досега не добил ниту еден од многубројните педофили и покрај тоа што сексуалното злоупотребување деца, од кои повеќето се тинејџери, е се почеста појава во последниот период. Поради зачестеноста, законодавците на почетокот од годинава одлучија да се воведат поригорозни казни, па најмалата пропишана казна за педофилија е три години, а максималната е доживотен затвор. Но, како што постојано укажуваат од Првата детска амбасада „Меѓаши“, судиите и понатаму ги изрекуваат минималните казни, што, за жал, може да се сфати само како поттик за повторување на злосторството. Од „Меѓаши“ се прашуваат што повеќе треба да им се случи на злоупотребуваните деца за судиите да почнат да им судат најстрого. Според Кривичниот закон, најмалку десет години затвор или доживотен затвор се пресудува ако при злоупотреба на децата настапи тешка телесна повреда, смрт или ако настанат други тешки последици или, пак, ако делото е сторено од повеќе педофили или на особено суров или понижувачки начин. Според Драган Змијанац, извршен директор на „Меѓаши“, ако осуденикот се изолира целосно, може превентивно да помогне да не се случуваат сексуални малтретирања над децата од ист злосторник, а истовремено тоа ќе биде и опомена за сите потенцијални случаи на педофилија. Доктор Никола Тупанчевски, професор по Кривично право, ни објасни дека најверојатно досега казната доживотен затвор не била изречена, бидејќи е прифатена неодамна. - Сметам дека досега ниту еден педофил не бил осуден на доживотен затвор, бидејќи оваа казна е усвоена неодамна, па тоа е нешто ново за нас. Меѓутоа, и пресудите со кои еден педофил беше осуден на 12 години, а друг на 15 години затвор, е за поздравување, што значи дека тенденцијата се менува, па ако во минатото пресудите се движеа околу законскиот минимум, сега се движат кон законскиот максимум - изјави д-р Тупанчевски. „Меѓаши“ во изминатиот период реагираше речиси на секоја пресуда за педофилите. Тие директно наведуваа дека казните се премногу мали и оти бараа најстрога казна за педофилите, поради загрижувачкиот факт дека речиси сите повратници од затвор ги повторуваат делата на педофилија. Голем револт и незадоволство изразија и по пресудата за Јове Костадиновски од селото Шашаварлија, кој беше осуден на 15 години затвор за напад и за силување на 13-годишно момче, штитеник на Домот за деца без родители „11 Октомври“. Тие беа загрижени за судбината на детето, кое три недели било сексуално малтретирано, а за револтот да биде поголем, доволно беше сознанието дека овој педофил двапати бил осудуван за слични дела. Првиот пат Костадиновски издржувал затворска казна за силување малолетно девојче, а вториот пат за силување постара жена. Од „Меѓаши“ сметаат дека овој, веќе третпат осуден педофил, ги исполнува сите услови за да му се изрече казна доживотен затвор, во согласност со членот 188 од Кривичниот закон. Незадоволство беше изразено и за пресудата со која Трајче Петковски од Богомила беше осуден на затворска казна од 15 години, поради сексуално изживување врз својата 12-годишна ќерка и врз нејзината другарка. Без реакција не остана и пресудата со која беа осудени двајцата старци, Трајчо Ефремов, кој доби 13 години затвор, и Раде Петровски, осуден на 10 години, педофили од Долно Ѓуѓанци, кои неколкупати злоупотребиле 13-годишно девојче. Детските психијатри предупредуваат дека од ваквото злоупотребување децата имаат долгорочни последици врз психичкиот развој. Поради тие факти од „Меѓаши“ повеќепати беше побарано педофилите, особено тие што веќе биле казнувани за такви дела, да се осудат на доживотен затвор. Во првите шест месеци годинава, во земјава се регистрирани вкупно 32 кривични дела против половата слобода и половиот морал извршени над малолетници.

Микрочипови, хемиска кастрација или смртна казна

Во Норвешка на педофилите им се вградуваат микрочипови, со чија помош полицијата знае каде се наоѓаат во секој момент, а истиот метод се очекува да почне да се применува и во Англија. Во Данска се врши хемиска кастрација над педофилите-повратници, а за тоа се залага и претседателот на Франција. Во земјите што се сметаат за помалку цивилизирани, смртната казна е единствената пресуда за сторителите.

http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=1521&ArticleID=100066

Време, број 1491, 09.10.2008