Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34


Сивиот дом

Шлаканици наместо љубов им делеле воспитувачи на штитениците од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Дете болно од рак добило ќотек само затоа што барало да си оди дома, кај својата мајка. Побегнало од тортурата во Домот, а сега се заканува дека ќе се убие ако го вратат назад. Единствено што бара е да ја спаси од тортурите во Домот својата помала сестра. Ваквите случаи му даваат ново значење на зборот дом. Наместо со топлина, „зрачи“ со сериозен дефицит на хуманост и љубов. Да се крене рака на дете е страшно, а да се крене рака на болно дете е грев. Грев е на децата во Домовите да не им се дава неопходната терапија, да им се забрануваат телефонските контакти со семејството, да се држат под постојан страв и стрес. По се' изгледа, некој заборавил на социјалната, хуманата и едукативната компонента во односот кон штитениците. Наместо децата во Домот да најдат уточиште од семејни насилства и трауми, тие дополнително се трауматизираат. Таму не наоѓаат никаква супституција за, од различни причини, изгубената родителската грижа. Ако воспитувачите не можат да бидат замена за родителите на децата, зарем треба врз нив да ги лечат сопствените фрустрации?

Ако детето не избегаше од Домот, никој немаше да дознае за неговите проблеми. Колку вакви приказни се кријат зад ѕидовите на домовите, кои само поради строгите „чувари на редот“ не излегле во јавноста?Образованието што штитениците ќе го добијат во Домот и начинот на кој тие таму се воспитуваат ќе им биде урнек за однесување и во „надворешниот свет“. Ако ќотекот е начин на „комуникација“ во Домот, тоа ќе биде и нивниот „јазик“ со другите.

Министерството за труд и социјална политика треба сериозно да го испита случајот. Треба да се види зошто децата им биле одземени на родителите. Ако таткото вршел семејно насилство, дали децата морале да бидат одвоени и од мајката.Особено ако постои законска можност наместо децата, насилникот да се отстрани од семејниот дом. И одземањето родителско право треба да се употребува внимателно и тоа само во случаи на сексуално малтретирање, што во случајов не постои. Патем, многу семејства во Македонија со години бараат да бидат старатели на некое дете, но нивните барања чмаат во некоја фиока. Ако домовите не можат да им пружат љубов и грижа, има многумина што можат и сакаат. Дотогаш, домовите за деца не смеат да се претворат во истражен затвор.

Александар Манасиев