Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34


реакција за негрижа на деца сместени во Детскиот дом ”11 Октомври” како и несоодветна постапка на Центарот за социјална работа Берово.          Првата детска амбасада во светот Меѓаши континуирано реагира за одредени случаи на насилство и негрижа врз децата, особено кога станува збор за потешки случаи. За жал некои од нив оставаат подолготрајни последици врз здравјето и развојот на детето, а се предизвикани од оние кои се должни да се грижат за децата или од институциите на системот на кои им се доверени за грижа и нега.


Поради тоа сметаме дека е важно да реагираме и да ве информираме за следниов случај.

На ден 23.12.2008 во попладневните часови на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 се јави А. Ј. 11год. од Пехчево кој има и здравствени проблеми – тумoр на бешика (според тел. изјава од мајката). Тој се јави за да пријави физичко и психичко насилство кое е извршувано врз него и неговата сестра В.J. 9год. од страна на воспитувачите, во Домот за деца без родители "11 Октомври" од Скопје, особено од една од воспитувачките за која ни рече дека му удирала шлаканици секогаш кога барал да се јави на телефон на своите родители. Тој рече дека неговата сестричка по добиени 3-4 шлаканици од воспитувачката прекинала да бара контакт со родителите. А.J. исто така ни се жалеше за несоодветна грижа и внимание (тој ни изјави дека не само што не ја примал 20 дена терапијата туку имале и нередовна промена на долна облека, биле уплашени од новата средина, а оставени сами на себе без соодветно внимание од страна на некој од вработените во домот). На родителите на А.J. и В.J. како и на децата им било ветено од страна на Центарот за социјална работа од Берово дека во домот ”11 Октомври” ќе бидат сместени привремено и дека до петок (19. Декември) ќе ги вратат во нивниот дом во Пехчево. Им било ветено и дека А.J. ќе биде однесен на контрола во клиника во Скопје, но и тоа не било остварено и покрај тоа што знаеле дека детето е со ризична и тешка здравствена дијагноза.

            Мајката О.Ј. во телефонскиот разговор објасни дека станува збор за настан кој се случил на 4.12.2008 година кога Социјалната служба од Берово ги одземала децата од училиште без писмено да ги информира – само ги известиле по телефон, а А.J. ни рече дека избегал од домот за деца без родители "11 Октомври" од Скопје, во понеделник на 22.Декември и од некој познат возрасен човек бил пренесен во Пехчево. Тој се јави од домот на неговите родители каде што е сега и беше видно вознемирен. Плачејќи кажа дека е загрижен за неговата сестра, сака и таа да се врати дома и дека не сака да се враќа повторно во домот. Доколку треба да се врати кажа и дека размислува да се фрли под кола.

Мајката О.J. изјави дека сега нејзиниот син А.Ј. мокри крв, се плаши да излезе надвор, не оди на училиште од страв повторно некој да не го земе од таму и одведе во Домот за деца без родители ”11 Октомври” во Скопје.

            Се надеваме дека со вашето информирање за овој случај ќе овозможиме покренување на неколку многу важни прашања во однос на (не)заштитата на децата во Република Македонија и (не)грижата од страна на соодветните институции кои не ретко наместо да ги заштитат децата и им овозможат посоодветна грижа и поздрава средина на живеење, тие дополнително ги трауматизираат оставајќи доживотни последици во нивниот раст и развој.

            За овој случај имаме согласност од родителите на А.Ј. и В.Ј. да ја запознаеме јавноста и тие се подготвени да излезат во медиумите и да го искажат своето незадоволство од постапката на овие две институции кои треба да водат грижа за заштита на децата.

За сите дополнителни информации Ве молиме јавете се на нашиот СОС телефон за деца и млади 0 800 1 2222, контакт лице Татјана Јаневска.

Денес, Првата детска амбасада во светот Меѓаши поднесе претставка до Народниот правобранител и побара согласно законот за Народен правобранител член 32 и Конвенцијата за правата на детето член 3 и 9, да постапи по најдобрите интереси на децата и да не информира за преземените активности.

Со почит,

М-р Драги Змијанац
Извршен директор и основач