Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34


Реакција по повод штрајкот на СОНК

Првата детска амбасада во светот Меѓаши бара СОНК и Министерството за образование и наука на Република Македонија (МОН) да ја почитуваат Конвенцијата за правата на детето (КПД) потпишана и ратификувана од Република Македонија каде јасно е дефинирано дека во сите активности кои се однесуваат на децата од примарно значење се најдобрите интереси на детето (член 3 од КПД).


Првата детска амбасада во светот Меѓаши не го оспорува правото на штрајк на просветните работници кое е исто така загарантирано право на граѓаните на Република Македонија, меѓутоа тоа не треба да се изведува на сметка на децата и на начин кој им наштетува.

Апелираме до СОНК и МОН и ги замолуваме да им дадат јасни инструкции на учениците и родителите. Ако има штрајк, на децата да им се соопшти да не одат на училиште или ако вратите на училиштата се отворени да знаат и децата и родителите дека нема да има настава - но ќе бидат прифатени односно со јасни и прецизни информации дека нема да има настава но ќе бидат згрижени во училиштата. Тоа впрочем го очекуваат и родителите. Тие се обраќаат во Првата детска амбасада во светот со поплака дека не знаат каде заминуваат нивните деца, дека не сите се прифатени во училиштата, некои од нив пешачат и повеќе километри и наоѓаат затворена врата во училиштето. Некои од децата премрзнати се враќаат дома. Други седат во училници без греење. Се јавуваат загрижени родители кои незнаат каде им се децата, бидејќи сите немаат мобилни телефони, ниту пак сите семејства имаат фиксна телефонија. Родителите се жалат дека издвојуваат и финансиски средства за патни трошоци и храна, а подоцна повторно ќе треба за истите часови да бидат изложени на истите трошоци. Сите родители не се во можност да ги чуваат своите деца бидејќи се вработени, а некои од родителите се принудени дури да земаат боледување за да ги чуваат децата, или бараат отсуство од работа, други ги молат соседите, роднините и пријателите за чување на децата.

Ризиците од неприфаќање на децата од страна на училиштата се: талкање, скитање по улици, патишта, одалечени места – селски средини, подложност на разни негативни влијанија (земање алкохол, дрога, никотин, упад во караници, безбедноста во сообраќајот...).

КОЈ ЌЕ ЈА СНОСИ ОДГОВОРНОСТА ОД СИТЕ ОВИЕ НЕГАТИВНИ ПОСЛЕДИЦИ?

Како, кога и со кои потешкотии децата ќе треба да ги реализираат испуштените содржини од наставната програма (работни саботи, продолжена учебна година)?

Во КПД член 19 став 1 се вели:

„Државите – членки ги преземаат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки поради заштита на детето од сите облици на физичко или ментално насилство, повреди, или злоупотреби, занемарувања или немарен однос, малтретирања, или експлоатации, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба, додека за него се грижат родителите, законските старатели или некое друго лице на кое му е доверена грижата за детето. ”

или

член 19 став 2 „Таквите заштитни мерки, по потреба, треба да ги опфатат ефикасните постапки за установување на социјалните програми за обезбедување и поддршка неопходна на детето и на оние на кои им е доверена грижата за детето, како и другите облици за спречување, утврдување, пријавување, проследување, истрага, постапување и следење на случаите на овде наведеното малтретирање на детето и, по потреба, обраќање до судот. ”

Апелираме до СОНК и МОН да дадат точни инструкции на децата и родителите до кога ќе трае штрајкот, дали тоа важи за сите училишта и кога ќе се надомести пропуштената настава.