Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34



Дупло повисоки казни за педофилитеСЕ МЕНУВА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК

Експресните измени доаѓаат по седницата на Владата пред околу три недели кога министерот за правда Михајло Маневски бил задолжен да подготви уште поостри казни за полов напад врз деца, откако е заклучено дека педофилијата во Македонија и натаму зе
 
Министерството за правда предложи експресни измени на Кривичниот законик со кои казните за злоставување деца двојно се зголемуваат. Сегашната пропишана затворска казна од една до пет години за посредување во проституција со деца, со експресно предложените измени скока на пет до 10 години. За остварување профит од проституција со деца, казната од една година затвор се зголемува од три до пет години затвор.
За полов напад врз деца, пак, најниската досегашна казна од четири години не ќе смее да биде помала од осум години. Се дуплира и казната ако делото е сторено од наставник, родител, посвоител, па од сегашните минимум четири и максимум осум години, скока на осум до 10 години.
Останува одредбата за казна од 10 години до доживотен затвор за кривичното дело полов напад врз дете во случаите кога жртвата добила тешки повреди и трајни последици, ако половиот напад врз детето го извршиле повеќе лица или ако од ова дело настапила смрт кај детето.
Експресните измени доаѓаат по седницата на Владата пред околу три недели кога Министерството за правда било задолжено да го истражи односот на обвинителите и на судиите во истражните и судските постапки против педофилите. Владата побарала да се утврдува и колку води сметка Министерството за труд и социјална политика за децата жртви на педофилија и дали на родителите што ги запуштиле своите деца или ги давале да се проституираат им било одземано родителското право. Од Министерството за правда било побарано да обезбеди точни податоци во колку случаи обвинителите во истражна постапка побарале мерка притвор за лица што извршиле полов напад врз деца, а истражните судии не го одобриле барањето. Ова е првпат Владата со заклучок на седница да бара детали за некое кривично дело кое зема замав.
Министерството за правда, како што информираат од владината служба за односи со јавност, било задолжено да обезбеди точни податоци од Јавното обвинителство за тоа колку условни и ниски казни, кои ги изрекле судиите против педофилите, останале необжалени од обвинителите.
Од Владата велат дека министерот за правда Михајло Маневски бил задолжен да подготви уште поостри казни за полов напад врз деца, иако неодамна тоа го направи и ја воведе доживотната затворска казна за педофил. Казните за педофили драстично беа заострени и функционираат од 15 јануари годинава, но судиите пак се фаќаа за минимумот, а не одеа кон пропишаниот максимум.
Маневски треба до крајот на идниот месец да ги спроведе сите владини заклучоци со кои се заострува борбата против педофилијата.


С.К.Делевска

http://www.vest.com.mk/default.asp?id=158579&idg=8&idb=2504&rubrika=Makedonija