Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34


„Да не дозволиме телевизорот да ни ги воспитува децата“ Скопје, 28 ноември (МИА) - „Да не дозволиме телевизорот да ни ги воспитува децата“ е кампањата што ја промовира денеска Советот за радидодифузија со цел да ја зголеми свеста за заштита на малолетната публика од програми што влијаат штетно на нејзиниот физички, психички и морален развој.


Преку кампањата, во националните, регионалните и локалните ТВ станици ќе бидат емитувани три спота со пораки до родителите да внимаваат какви програми гледаат децата. Спотовите содржат примери со несоодветно однесување на децата, како резултат на нивната препуштеност пред телевизорите и несоодветно внимание од родителите.

Преку кампањата Советот за радиодифузија апелира децата да се заштитат од програмите на телевизиите, во кои, според мониторингот, се зачестени примерите на јавно изречена вулгарност или јавно и детално прикажување морбидност.

Според Драги Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши“, пораките од кампањата ги потврдуваат сознанијата дека децата се препуштени сами на себе пред телевизорите и оти има осаменост и отуѓеност во семејствата.

- Апелирам медиумите, продукциските куќи да ги почитуваат правилата и категоризацијата  на програмите, а особено родителиоте да посветат поголемо внимание кога децата се пред телевизорите, односно да не дозволат навистина телевизијата да им ги воспитува децата, изјави Змијанац.

Претседателот на Советот за радиодифузија  Зоран Стефановски вели дека  Правилникот за заштита на малолетната публика од програми што можат штетно да влијаат на нејзиниот физички, психички и морален развој, не се почитува доследно, односно медиумите не ги поставуваат соодветните знаци за категоризација на програмите.

- Јавниот сервис Македонска радиотелевзија почна да го применува Правилникот, а другите телевизии тоа го прават срамежливо и без констинуитет, рече Стефановски и додаде дека Советот сега може да користи многу благи мерки за санкционирање, кои треба да бидат поригорозни.

Стефановски очекува подобрување на состојбите откако ќе бидат изгласани измените на Законот за радиодифузна дејност по основ на усогласеност со Законот за прекршоци. 

- Тогаш би требало  да добиеме поголеми овластувања во однос  на изрекување на санкциите. Кога тие санкции ќе бидат парични и ќе се изрекуваат  редовно за секое прекршување не знам дали сопствениците на медиумите и одговорните уредници ќе дозволат лесно да бидат санкционирани од Советот, истакна претседателот на СРД.

Законот за радиодифузна дејност, посочи Стефановски, не ја третира заштитата на малолетниците од изложеност на програмаите на Интернет, но се прават обиди тоа да се направи во делот на IP телевизијата.

Спотовите за кампањата, кои премиерно беа прикажат на промоцијата, оригинално се продуцирани од Националниот аудиовизуелен совет на  Романија, преку програмата „Фаре“ на Европската Комисија. Советот за радиодифузија ги обезбеди преку потпишаниот Протокол за соработка со Разван Попеску, претседател на Романскиот Совет.

www.idividi.com.mk/vesti/makedonija/485881/index.html