Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34

Братче и сестричка тепани во Домот „11 Октомври“, надлежните негираатЕдинаесетгодишното момче со тумор на мочниот меур било тепано секогаш кога ја барало мајка си

Горан Адамовски

Единаесетгодишно момче, кое имало тумор на мочниот меур, и неговата деветгодишна сестричка биле малтретирани и тепани од воспитувачите во Домот за деца „11 Октомври“. Секогаш кога ќе побарале преку телефон да и' се јават на мајка си, добивале шлаканица, тврдат од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Но, од Министерството за труд и социјална политика демантираат дека децата биле удрени, иако напомнуваат дека ќе го разгледаат случајот внимателно и дека ќе преземат мерки ако утврдат пропусти во работењето.

Според известувањето од „Меѓаши“, траумите на ова семејство започнале на 4 декември годинава кога Социјалната служба од Берово ги одзела децата од училиште. Според изјавите на родителите од децата, тие за тоа не биле писмено известени, туку само по телефон им било кажано дека ќе им ги земат децата.

„Од службата во Берово им било ветено дека децата во Домот во Скопје ќе бидат сместени привремено до 19 декември и дека притоа момчето ќе биде однесено на клинички преглед, што не било остварено и покрај тоа што знаеле дека детето е со ризична и тешка здравствена дијагноза“, информираат од „Меѓаши“.

Момчето се пожалило кај волонтерите од „Меѓаши“ дека во Домот во Скопје не примило терапија дваесет дена, а освен тоа, имале нередовна промена на долна облека и никој не им посветувал внимание. Згора на тоа, секогаш кога ќе побарале да и' се јават на мајка си, воспитувачите им удирале шлаканици. Поради тоа, детето во понеделникот успеало да побегне и со помош на возрасно лице да стигне дома. Тоа се заканувало дека ќе се фрли под автомобил доколку сестричката остане во домот.

„Мајката ни изјави дека нејзиниот син сега мокри крв, се плаши да излезе надвор, не оди на училиште од страв повторно некој да не го земе и одведе во Скопје“, велат од „Меѓаши“, кои случајот во јавноста го изнесоа во согласност со двајцата родители на децата. Тие за ова го информираа и народниот правобранител.

Во Министерство за труд и социјала имаат сосема поинаква приказна. Тие информираат дека таткото на малолетните деца е алкохоличар, против кого имало повеќе прекршочни пријави. Уште пред три години, мајката побарала помош од Центарот за социјални работи во Берово поради насилство од сопругот. Но, потоа таа ја повлекла тужбата. Насилството продолжило, па Центарот во октомври годинава побарал да ги згрижи децата, а таткото задолжително да се лекува од алкохол.

По неколку дена, мајката со малолетните деца била сместена во Шелтер- центарот во Кочани, од каде што самоволно излегла со двете деца и се вратила кај сопругот.

„Насилството во семејството продолжило, а на 4 декември мајката била примена во болницата во Пехчево со исказ дека, наводно, се повредила во стомакот со нож, поправајќи го прозорецот“, тврдат надлежните.

Веќе утредента, децата била одземени и сместени во Домот за деца.

„Стручните служби забележале дека детето тагува по домот, но и дека го прифаќа објаснувањето дека ќе се врати дома тогаш кога ќе се создадат услови за нормално функционирање на неговото семејство“, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјала.

Но, момчето постојано прашувало кога ќе си оди и во понеделникот побегнало. Тврдејќи дека го боли стомак, го напуштило училиштето и место во Домот се упатило во Пехчево. Според надлежните, веќе утредента

во Домот дошла мајката, која се обидувала да го грабне девојчето.

Надлежните тврдат дека ниту братчето ниту сестричката некогаш биле удрени, но, сепак, ќе поведат истрага за да ја утврдат вистината докрај. Тие велат дека ќе се грижат за децата се' додека не се создадат адекватни услови децата да се вратат кај родителите.

Број 2871  четврток, 25 декември 2008