Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.33

Реакција и незадоволство од изречената пресуда 15 години затвор за педофилот Јове Костадиновски од Шашаварлија изречена од Основниот суд во Штип за полов напад над деца штитеници од Домот без родители ,,11 Октомври“ од Скопје

Првата детска амбасада во светот- Меѓаши на 02 Септември 2008 година испрати реакција по повод пресудата на Јове Костадиновски за  напад и силување на едно од двете 13-годишни  момчиња со казна затвор од само 15 години на го изразивме нашиот револт и незадоволство за несразмерната казна за стореното дело. Потсетивме дека ова дело на Јове Костадиновски му  е по ред. Тој претходно бил осуден за силување на 5 годишно девојче а вториот пат на постара жена 
 
Првата детска амбасада во светот- Меѓаши досега повеќе пати реагираше и бараше од  судиите да ги осудуваат педофилите, силувачите на деца со максимална казна доживотен затвор. Не е јасно како може судот во Штип да не изрече максимална казна што според  Кривичниот закон може да се добие за ова дело! Посебено нагласуваме дека сторителот го повторил делото по трет пат. Зарем 23 дена сексуално изживување врз дете не претставува најсвирепо малтретирање и понижување? Следно што се прашуваме е што ќе биде со тоа дете кое 23 дена било малтретирано и злоставувано? Кој ќе ја сноси одговорноста за последиците од траумата што тоа дете ја доживеало?

Сметаме дека Јове Костадиновски ги исполнува сите услови за доживотен затвор согласно членот 188  од Кривичниот Закон каде се вели:

(4)Ако поради делата од ставовите 1 и 2 настапила тешка телесна повреда, смрт или други тешки последици или делото е сторено од страна на повеќе лица или на особено суров или понижувачки начин, сторителот ќе се казни со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор.

Во Македонија има казнена законска основа за досудување најстроги казни за педофилите и сексуалните насилници над деца но сепак судиите и понатака досудуваат благи казни.
 
Исто така, по повод токму овој случај Првата детска амбасада во светот Меѓаши реагираше

со барање за доживотен затвор како казнена мерка бидејќи целосната изолација може превентивно да помогне да не се случуваат сексуални злоставувања над деца од истите сторители а воедно да биде и опомена за сите идни случаи.

Баравме и преземање на одговорност од раководството на Детскиот дом за деца без родители „11 Октомври“ од Скопје за нивната негрижа кон децата кои биле исчезнати а едното од нив било цели 23 дена во заложништво на педофилот Јове Костадиновски, но не ни е познато дека таква постапка е спроведена досега.

Ги потсетуваме одговорните државни институции дека Република Македонија ја има ратификувано Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба (2007), Конвенцијата за правата на детето (1993) и се има обврзано да ги почитува сите права предвидени со оваа Конвенција. Последните случаи на сексуална злоупотреба на децата се повторен пример на најсурово кршење на правата на децата загарантирани со Конвецијата.

Според чл.19, 34, 36, 39 од оваа Конвенција државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање, да ги заштитат од физичко или емоционално насилство, злоупотреба и запоставување, од сите облици на сексуално искористување и сексуална злоупотреба, од сите други облици на експлоатација штетни за детето, и да преземат мерки за подобро физичко и психичко закрепнување, како и за социјална реинтеграција на детето кое е жртва. За таа цел, особено е значајно државите членки да ги преземаат сите соодветни национални, билатерални и мултиратерални мерки за спречување на  најлошите форми на сексуална злоупотреба и искористување.

Во Република Македонија: и покрај се почестото откривање и приведување на педофилите од страна на полицијата и најновите промени во Кривичниот Закон кои овозможуваат далеку построги казни, судиите се уште изрекуваат минимални казни. Медиумите постојано известуваат за овие случаи но и тоа не е доволно. И на крајот, повторно се прашуваме што треба да се случи со децата па судиите да почнат да ги осудуваат  најстрого педофилите? Посебно е загрижувачки фактот дека најчесто 100% од повратниците од затвор ги повторуваат делата.