Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.33


Педофилијата - стар феномен или нова болест?

Автор:  Ангелина Димоска 

Големиот медиумски интерес за случаите со педофилија во Македонија ја извади на површина девијантната појава што постоеше отсекогаш, само што не се зборуваше за неа зашто беше третирана како срамна тема за споделување со јавноста, смета проф. д-р Нелко Стојановски, професор по социјална патологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

- Медиумите сега бараат ексклузивни приказни што ќе го продадат весникот, а случаите на педофилија се токму тоа. Бројот на таквите случаи не е многу зголемен од порано, само што на овој проблем веќе не се гледа како на табу-тема. Порано луѓето не сакаа јавно да зборуваат за тоа. Денес поотворено се зборува за педофилијата, повеќе се пишува по медиумите за таквите случаи, па затоа се добива впечаток дека појавата е многу зачестена - вели Стојановски.

Социолошките и општествените промени во изминатите децении, кои го демократизираа медиумскиот простор, донесоа промени и во информативната понуда, која почна сe повеќе простор да им отстапува на мрачните страни на човековата природа. Скандалите, суетата и сексот, трите „с“ што го скокоткаат човековото љубопитство, загосподарија на страниците на весниците и ги окупираа првите ударни минути на радио и ТВ-програмите.

Социолошките образложенија велат - медиумите се натпреваруваат за тираж, а ваквите теми ја постигнуваат целта.

Од друга страна, поголемата отвореност на луѓето кон дотогаш табуизираните теми се припишува и на колективното очекување за ефикасно справување со ваквите девијантни појави. Тоа зборува и за зголемените надежи дека медиумската објава ќе го забрза институционалното учество во решението на девијантната појава. Зачестените информации во медиумите за педофилите и за нивните жртви се должат на тоа.

Но теоретичарите предупредуваат и на негативните страни од вака зголемениот медиумски интерес за случаите на педофилија.

- Зачестеното пишување за педофили може да има и контраефект. Бидејќи денешното „либерално“ општество оди во крајности, набргу може да се соочиме со проблемот да не може во јавност да се погали дете - вели Стојановски.

Овие вести еднакво ги примаат и децата и возрасните, и жртвите и институциите што треба да се справат со ваквите појави, па можни се и контраефекти.

- И децата, кои сe повеќе за запознаваат со овој проблем преку медиумите, може да го злоупотребат во своја корист. На пример неправедно да обвинат некој професор дека ги злоупотребил. Треба да се внимава како се пласира оваа девијација и какви реперкусии може да има во поттикнувањето неосновани сомневања кај децата - вели Стојановски.

Болест или не

Педофилијата не е психијатриски проблем, смета невропсихијатарот д-р Павле Павлов.

- Досега никој не дошол да се лекува од педофилија. Тоа не е болест. Порано педофилите беа сместувани во групата сексуални психопати. Но тоа не е болест бидејќи ниту напредува ниту се лекува, тука нема промена, тоа е состојба без промена - вели д-р Павле Павлов од невропсихијатрискиот центар ПЗО „Д-р Павлов“ од Скопје.

Најновите светски истражувања на оваа тема покажаа дека педофилите имаат помалку бели клетки во мозокот, кои содржат нерви за пренос на информациите. Токму начинот на кој мозокот ја регулира и ја обработува сексуалната ориентација е фокус на понатамошните истражувања, сметаат светските научници. Со новите сознанија може да се развијат нови методи за контрола на педофилијата.

Новата студија потврди дека мозокот на педофилите се разликува од мозокот на оние што немаат такви склоности. Притоа, како што тврдат научниците, опфатени се и делови од мозокот што се одговорни за проценување на сексуалните подражавања. Бидејќи тука се проценуваат информациите од сексуален карактер, а поврзаноста со овој дел од мозокот е делумно прекината, можно е мозокот од таа причина овие информации „погрешно“ да ги толкува. Оваа студија всушност го побива досегашното верување дека педофилијата е резултат на траума од детството или сексуална злоупотреба.

Педофилите можат да го контролираат своето однесување и треба да ја преземат одговорноста за своите злосторства. Ако не се во состојба да ги изберат своите сексуални преференции, тоа не значи дека не можат да влијаат на она што го прават.

КултуролоШка историја на педофилијата

И покрај отсуството на прецизна статистика и податоци, сексуалните врски меѓу возрасни мажи и деца постоеле отсекогаш. Ставот кон овие врски го менувал курсот низ историјата.

Во хиерархиската структура на античка Грција сексуалните врски меѓу возрасни мажи и голобради момчиња биле составен дел од „едукацијата“ на момчињата. И од задоволството на возрасните.

Во 18 век, по Француската револуција, моралноста и етиката не се повеќе ексклузивна одговорност само на црквата, туку стануваат проблем со кој се обидува да се справи државата. Но кривичните закони од тоа време сe уште не предвидуваат казни за сексуални врски на возрасни луѓе со малолетници и со деца. Казни постојат само за силување и за убиство на деца.

Од 1830 до 1890 година, во две третини од сите документирани сексуални прекршоци во Лондон жртвите биле деца. Институционалните и едукативните извори од 19 век, сепак, прикажуваат помалку драматична слика, со нејасно повлечена линија меѓу физичката и сексуалната злоупотреба на децата од нивните учители или од свештени лица.

Зборувањето за сексуалната злоупотреба на децата продолжува во Франција и во Англија околу 1850 година како резултат на подемот на средната класа и нејзиниот романтичен концепт за детето, како и на установувањето на новите научни дисциплини - психијатрија и форензика.

Кога во 1885 година се појавија серијата текстови „Во спомен на модерниот Вавилон“ во британскиот весник „Пал Мал газета“, сексуалната злоупотреба на децата стана топ-тема за јавна дискусија. Серијата статии што зборуваа за детската проституција ја култивираа сликата за невиното девојче, позајмено од романот „Алиса во земјата на чудата“, во серија фотографии на голи деца. Четврт милион луѓе протестираа на улиците на Лондон во знак на протест.

Такви протести, еден век подоцна, во 1996 година се одржаа и во Брисел, Белгија, како одговор на можните полициски пропусти во случајот на педофилот Марк Дитро, кој во 1990-тите сексуално злоупотреби и уби неколку млади девојки.

Одговорноста на општеството за сексуалната злоупотреба на децата јакнела низ историјата. Иако децата се сметале за сексуално невини, не секогаш на судењата за вакви злосторства им е верувано при сведочењето. Скептицизмот за нивното сведочење бил голем и поткрепен со новите научни студии и со фројдовското толкување на детската сексуалност.

Моралната паника за сексуалната злоупотреба на децата во 19 век била проследена со серија медиумски предупредувања. Сликата за сексуалните психопати се дефинирала конечно во 20 век, заедно со подемот на сознанијата во форензичките науки, со женското движење, со психоанализата и сексуалната револуција. Чувството за општествената одговорност кулминира со пресудата за наставник во предучилишната возраст, казнет за сексуална злоупотреба во 1983 година во Калифорнија. Паниката го доживува својот климакс во последните години од 20 век, по појавата на детска порнографија, чет-групите на Интернет и серијата детски убиства и злоупотреби во САД и во Европа. Сеопштата осуда, пак, беше затечена кога папата пред една година јавно се извини за сите сексуални злоупотреби на млади момчиња од страна на католичките свештеници, признавајќи ја така оваа девијација и кај црквата, најголемата морална брана.

Феноменот „Лолита“

Лолита почна како роман, а заврши како симбол за сексуална привлеченост од млади девојки, тукуречи адолесцентки.

Романот „Лолита“ Владимир Набоков го напиша помеѓу 1949 и 1955 година. Содржината се гради околу средовечниот професор Хамберт Хамберт, кој очајнички се вљубува во млада девојка, Лолита, која Набоков ја опишува со терминот „нимфета“. Додека Набоков ја опишуваше темата на овој роман како естетски опис на една екстремно еротска желба, очигледниот педофилски контекст на романот беше карактеризиран како скандалозен. Ракописот на романот најпрво беше одбиен од американските издавачи, па од англиските, а потоа беше забранет и од францускиот министер за внатрешни работи. Кога најпосле се појави, „Лолита“ за три дена стана бестселер-книга.

Филмот што по овој роман го сними Стенли Кјубрик, со Џејмс Мејсон во главната улога, исто така, беше сметан за контроверзен. И препорачан - само за возрасни. Во 1977 година римејк на ова дело направи Едријан Лин. Хамберт го играше Џереми Ајронс.

Проблемот што го отвора филмот во врска со сексуалноста насочена кон млада девојка, како што Набоков ја нарече „нимфета“, останува и понатаму вознемирувачки културолошки терен за расправа.

Набоков, вистина, раскажа фиктивна приказна, но светот на уметноста памети и реални вакви примери. Склоноста на поп-ѕвездата Мајк Џексон кон децата го одведе на суд, а за такви интимни мераци беше сомничен и режисерот Роман Полански. Во овој контекст познати се и животните искуства на рокенрол-ѕвездата Џери Ли Луис и на вечниот Чарли Чаплин.

Доживотен затвор за педофилите

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ побара доживотен затвор за педофилите, бидејќи, според нив, токму минималните казни што ги изрекуваат судиите се најголемиот поттик за педофилите. Искуството покажува дека во најголем број случаи педофилите поминуваат со условни казни, или, пак, со казна од шест до 12 месеци затвор. Токму затоа од почетокот на годинава се воведени ригорозни казни. Така, најмалата пропишана казна е три години, а максималната доживотен затвор.

Првата детска амбасада „Меѓаши“ укажува на неколку примери во светот на кој начин се решава проблемот со педофилијата.

- Во Норвешка на педофилите им се вградуваат микрочипови, па полицијата знае каде се наоѓаат тие во секој момент, а истото тоа се очекува да го направи и Англија. Во Данска се врши хемиска кастрација над педофилите-повратници, а за тоа се залага и претседателот на Франција. Во земјите што се сметаат за помалку цивилизирани смртната казна е единствената пресуда за сторителите - велат од „Меѓаши“.