Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.33


Барање за одземање родителско право и кривично гонење за сексуална злоупотреба на детеПрвата детска амбасада во светот Меѓаши на 18 Јули 2008 година по повод случајот на економска сексуална злоупотреба на дете (14г) од страна на родител М.А. (32) од село Долно Ѓуѓанци, повика на најостра осуда и казна за "родителот" со одземање родителско право, гонење за кривично дело сексуална злоупотреба на дете, трговија со малолетно лице и подведување на проституција за остварување финансиска добивка. 
 
Повторно ги потсетивме  одговорните државни институции дека Република Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на детето (1993), Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба (2007) и Конвенцијата која се однесува на забрана на најлошите видови детски труд (2001), а во врска со зачестените случаи на сексуална злоупотреба на децата кои во последно време станаа зачестен пример на најсурово кршење на правата на децата, повреда на нивниот физички, психички, здравствен  и морален интегритет.

Конвенцијата која се однесува на забраната на најлошите видови детски труд  ја обврзуваат Република Македонија да ги заштити децата од сите облици на насилство, злоупотреба и запоставување од страна на нивните родители или било кој друг што се грижи за нив.

Според членот 1 од Конвенцијата за забрана на најлошите форми на детски труд Република Македонија е обврзана да преземе итни и корисни мерки за да обезбеди забрана и елиминирање на најлошите форми на детски труд.

 

Во членот 3 од оваа Конвенција се наведува точно дека најлоши форми на детскиот труд се однесуваат на сите видови на ропство, продавање и трговија со деца, присилна и принудна работа, употреба, посредување или понуда на дете за проституција, за производство на порнографија; употреба, посредување или понуда на дете за противзаконска дејност, работа која по својата природа или околности во кои е извршена штети на здравјето, сигурноста и моралот на децата

Според чл.19, 34, 36, 39 од оваа Конвенција државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање, да ги заштитат од физичко или емоционално насилство, злоупотреба и запоставување, од сите облици на сексуално искористување и сексуална злоупотреба, од сите други облици на експлоатација штетни за детето, и да преземат мерки за подобро физичко и психичко закрепнување, како и за социјална реинтеграција на детето кое е жртва.

Чл. 3 од Конвенција за правата на детето

Во сите активности кои се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела.
 
Бараме:

-          Одземањето на родителското право во вакви случаи е неминовно. На децата им се потребни не само биолошки туку одговорни родители кои совесно ќе си ги вршат своите родителски обврски и кои ќе им овозможат на децата услови за правилен раст и развој;

-         Надлежните органи треба да ги заострат санкциите за сторителите на ваквите злоупотреби, а училиштата, центрите за социјална работа, здравствените установи, граѓаните, како и семејството при најмали знаци за постоење злоупотреба на децата во било која форма да дејствуваат поактивно во доменот на нивните ингеренции, да го пријавуваат случајот и да ги охрабруваат децата во пријавувањето сексуално и секаков вид друго насилство;

-         Центрите за социјална работа треба да бидат помобилни, поефективни  и континуирано да ја следат состојбата на можни злоупотреби на деца во семејства во ризик како и преземање содветни мерки со што превентивно би дејствувале. Тие можат да дадат најголем придонес во превенцијата од злоупотреба на децата бидејќи се во непосреден контакт ( би требало да бидат) со семејствата во кризна состојба. Тие имаат значајна улога во  откривањето, превенцијата,  ресоцијализацијата, реинтеграцијата и рехабилитацијата на децата со цел полесно и побрзо надминување на последиците. Центрите за социјална работа да имаат засилен увид и да преземаат соодветни мерки за превентива и надзор во дисфункционални семејства.

-         Родителите имаат посебна одговорност во грижата, заштитата и обезбедувањето сигурно детство на нивните деца. Тие треба да посветат посебно внимание на децата и да ги заштитат од можни злоупотреби. Одговорното родителство е најдобра превентива од злоупотреба на децата.

Првата детска амбасада во светот е отворена за соработка со граѓаните, државните институции, училиштата, Јавниот обвинител, Народниот правобранител, Центрите за социјална работа, Полицијата и граѓанскиот сектор со цел заедничко и континуирано превентивно дејствување и заштита на децата од секаков вид на злоупотреба. Во таа насока, нашиот СОС телефон за деца и млади 0800 1 2222 (бесплатна линија) и Бесплатната правна служба функционираат активно со цел да понудат психосоцијална и правна поддршка на децата и младите.