Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.32

 17 мај Меѓународен ден на СОС линии за помош и подршка на децата во светот Поврзување на децата
 
По повод 17 мај, кој е прогласен за Интернационален Ден на Линиите за помош на деца, Првата детска амбасада во светот Меѓаши ја информираше јавноста за состојбата на нашиот бесплатен СОС телефон за деца и млади и ја потсети за значењето кое го имаат линиите за помош на деца општо во едно демократско општество каде секое дете има свои права, особено право на помош и заштита. 
 
Постојат повеќе причини зашто децата се јавуваат на СОС бесплатниот број 0800 1 22 22. Децата се помеѓу најобесправените групи во сите општества, со најмали можности за информирање, поддршка или помош кога им е потребна. Добро е да се знае дека од помошта/поддршката не’ дели само еден телефонски повик. Линиите за помош на деца им ја даваат можноста на децата да добијат помош и да ги изразат нивните проблеми. Нивната функција е од огромно значење и важност, бидејќи тие претставуваат значаен механизам на поврзување со децата што овозможува секое момче и девојче да биде слушнато. Нивната мисија е да одговорат на детските потреби за грижа и заштита.
 
Линијата за помош на деца во Македонија функционира како СОС телефон за деца и млади (0800 1 22 22) во рамките на Првата детска амбасада во светот Меѓаши. Тој е прв бесплатен телефон за деца и млади во земјава кој функционира континуирано веќе 15 години. Досега на телефонот се имаат јавено над 16 000 деца и млади па и родители во врска со проблеми поврзани со насилство (физичко, сексуално и психолошко), семејни проблеми, училишни, со другарчињата, љубовни, и сл. Тие го препознаваат бесплатниот СОС телефон за деца и млади како средство кое ќе им овозможи психолошка и/или правна поддршка во решавање на нивните проблеми. Оваа услуга ја овозможуваат многу млади луѓе, студенти и професионалци психолози, социјални работници, правници и сл, на волонтерска основа. Истовремено, во процесот на нашата интервенција во однос на овие случаи, Првата детска амбасада во светот Меѓаши соработува со Народниот Правобранител, а за одредени случаи кога е потребно Амбасадата Меѓаши ја насочува својата интервенција кон полицијата, судовите, центрите за социјална работа, и други институции.

Досега, од 1993-2007 на нашиот СОС телефон за деца и млади имаме примено 17.047 повици. Во 2007 година, СОС телефонот за деца и млади одговори на 361 повик. Причините поради кои децата во 2007 година се јавија вклучуваат проблеми поврзани со семејни односи ( 24,62), злоупотреба и насилство врз деца (13,43), комерцијална експлоатација/проституција, педофилија, питачењ е(9,32), и финансиски проблеми ( 7, 46).  Повеќе информации на http://www.childrensembassy.org.mk/?ItemID=CBAD37229A952F4E9E5F418FF84125C9

Најголемиот дел од јавувачите се од женски пол, иако не постои голема разлика во однос на бројот на повици остварени од јавувачите од машки пол.

Најголемиот број на јавувања поврзани и поттикнати од семејните односи беа: семејно насилство, разводи, недоразбирања помеѓу родители и деца, нарушени семејни односи (алкохолизам, тешка економска состојба...). Насилството за кое се јавуваа децата се случувало најчесто во училиштата, семејството, на улица. Во однос на минатата година, зголемен е процентот на јавувањата за семејни односи (за 15,36%), економска експлоатација на деца ( за 7,43%), сексуалност

(5, 49%) со тоа што во 2006 нема воопшто јавувања за оваа проблематика). Истовремено, намален е процентот на јавувања за училишни проблеми (за 3, 57%), за љубовни релации (за 13,12%), информации за СОС телефонот  за 7,93%) итн.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши е дел од меѓународната мрежа Child Helpline International - која ги обединува СОС сервисите за помош на деца од земји ширум целиот свет. Така, на 17 мај заедно го прославуваме фактот што ниедно дете не е само. Децата имаат можност да користат телефони, компјутери, радиопрограми и телевизија, и повеќе различни начини за да добијат помош и подршка.

Овогодинешното мото на 17 мај е: Поврзување на децата.

Исто така, 17 мај е ден кога ја користиме можноста да ја подигнеме свеста, особено кај претставниците на Владата, локалната самоуправа и телекомуникациските служби за потребата и важноста на овие СОС служби. Увидувајќи го непроценливото значење на оваа услуга која ја нудат линиите за помош на деца, тие можат да ги поддржат на повеќе начини, особено финансиски. 

Значајно е да напомонеме дека нашиот бесплатен СОС телефон досега финансиски е поддржан од Македонски телекомуникации, од Стопанска Банка и од Pexim Computers.

ПРИМЕР:

- 7 годишно момче и неговата мајка претрпуваат закани и физички удари од неговиот татко/сопруг кој се наоѓа во алкохолизирана состојба. Соседот кој е сведок, го врти бесплатниот телефонски број и ја добива помошта која им е потребна.

Подговтвила:
Ивана Станковска
Психолог и Проект координатор