Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.31

Реакција и осуда по повод случајот на сексуална злоупотреба на 8 годишното девојчеПо повод последниот случај на сексуална злоупотреба на дете Првата детска амбасада во светот- Меѓаши повикува на најостра осуда и казна за "родителот" (на злоупотребеното девојче и нејзините брат и сестра) и за сторителите, за кривично дело сексуална злоупотреба на дете, трговија со малолетно лице и подведување за остварување финансиска добивка.  

Овој случај можеби и немаше да се открие доколку не беше доведен во опасност животот не девојчето. Светските податоци говорат дека 70% од случаите на сексуална злоупотреба остануваат непријавени заради стравот и срамот кои децата го чувствуваат, реакцијата на средината како и стравот од неизвесноста на последиците со кои ќе се соочат.

Нашите информации од СОС телефонот за деца и млади 0 800 1 22 22 говорат дека сексуалната злоупотреба е во пораст. Во 2007 година 13,5% од вкупниот број на јавувања се најлоши форми на злоупотреба на децата. Сепак сметаме дека темната бројка односно бројот на непријавени случаи за злоупотреба на децата во реалноста е далеку поголема.

Злоупотребата на децата (сексуална, економска, физичка како и останатите форми на злоупотреба) е сериозен проблем и бара големо внимание, заштита и дејствување на сите нивоа. Тоа подразбира синхронизирано и заедничко превентивно дејствување на сите релевантни фактори кои имаат удел во воспитувањето и грижата за децата како семејството, институциите на државата, граѓанските организации и медиумите.

ДОБРОТО НА СЕКОЕ ДЕТЕ ЗАВИСИ ОД ГРИЖАТА И ПРЕДАДЕНОСТА НА ЦЕЛАТА ЗАЕДНИЦА А НЕ САМО ОД НИВНОТО СЕМЕЈСТВО 
 
Токму затоа сметаме дека:
 
-         Надлежните органи треба да ги заострат санкциите за сторителите на ваквите злоупотреби, а училиштата, центрите за социјална работа, здравствените установи, граѓаните, како и семејството при најмали знаци за постоење злоупотреба на децата во било која форма да дејствуваат поактивно во доменот на нивните ингеренции, да го пријавуваат и да ги охрабруваат децата сексуалното насилство да се пријавува;

-         Одземањето на родителското право во вакви случаи е неминовно. На децата им се потребни не само биолошки туку одговорни родители кои совесно ќе си ги вршат своите родителски обврски и кои ќе им овозможат на децата услови за правилен раст и развој;

-         Центрите за социјална работа треба да бидат помобилни и поефективни  во континуирано следење на состојбата со можна злоупотреба на деца во семејства во ризк како и преземање содветни мерки со што превентивно би дејствувале. Тие можат да дадат најголем придонес во превенцијата од злоупотреба на децата бидејќи се во непосреден контакт (или би требало да бидат) со семејствата во кризна состојба;

-         Во овој случај сместувањето на децата во Детскиот дом “11 Октомври” сметаме дека не е соодветна мерка затоа што нема да ја добијат соодветната грижа која е потребна за ваков тип на злоупотреба. Затоа предлагаме децата да се сместат во згрижувачко семејство или во СОС Детското село. Покрај тоа ним им е потребен и третман од страна на стручен тим каде што со децата ќе работи психијатар и други стручни лица за да може да се ресоцијализираат и да ги пребродат последиците од оваа злоупотреба. Кога постои злоупотреба на децата, социјалните институции, педагошките служби и семејството понатаму имаат обврска да овозможат ресоцијализаија, реинтеграција и рехабилитација на децата со цел полесно и побрзо надминување на последиците;

-         Во ваквите случаи постои обврска и за медиумите кои треба да го почитуваат идентитетот и интегритетот на детето што подразбира необјавување податоци од личен карактер (име, име на родителите, адреса, лични информации во врска со случајот, едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, ментален, економски, културен или социјален идентитет). Според Закон за заштита на личните податоци (Сл. Весник бр. 7/05) . Во таа функција потсетуваме на:

Чл. 3 од Конвенција за правата на детето

Во сите активности кои се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела.
 
Основните упатства и принципи на Меѓународната федерација на новинарите за известување за прашања во кои се инволвирани децата:
 
внимателно да ги земат предвид последиците од публикувањто на секаков материјал во врска со децата и на тој начин и да ја намалат штетата врз децата
да внимаваат да не користат визуелно или друго идентификување на децата доколку тоа не е очигледно во јавен интерес
да осигураат независна верификација на информациите што ги дале децата и да водат посебна грижа верификацијата да не ги стави во опасност децата информатори
Медиумите не треба да ги земат предвид и да известуваат за положбата на децата само како настан, туку треба постојано да известуваат за процесот кој може да доведе или води кон појавата на тој настан.
 
Во најдобар интерес на децата е да внимаваме на вакви подробности кои може да имаат негативен ефект токму над децата кои се залагаме да ги заштитиме.