Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.31

Дали денес му кажавте на вашето дете колку го сакате?Првата детска амбасада во светот-Меѓаши продолжува со минатогодишната кампања за повеќе љубов и внимание кон децата но сега со слоганот “Дали денес му кажавте на вашето дете колку го сакате?”. За таа цел изработени се пет мотиви за билборди, со различни ситуации на семејства: со два родители и повеќе деца, деца со еден родител или старател, ситуации на родители кои им посветуваат внимание на децата и родители кои не им посветуваат доволно внимание и не им даваат доволно љубов на децата. Со поставување на 41 билборд во градот Скопје, Амбасадата Меѓаши ќе ја пренесе пораката дека најважната потреба на децата е токму љубовта.
 
Оваа кампања е продолжение на кампањата “Дали денес го гушнавте вашето дете” која Детската амбасада Меѓаши ја спроведуваше на почетокот на 2007 година. Целта на двете кампањи е поттикнување на одговорно родителство. Колку почесто на децата им се покажува љубов прегрнувајќи ги, бакнувајќи ги и кажувајќи им “те сакам”, толку повеќе ќе сакаат да покажат дека ја заслужуваат. Љубовта овозможува градење на чувство на самодоверба и самопочит кај децата.

Кампањата и оваа година се спроведува во партнерство со Акцент Медиа кои бесплатно отстапија 41 локација низ Скопје на кои се поставени билбордите. Илустрациите се изработени од Смиле Цветановски, илустратор, а дел од трошоците за печатење финансиски се поддржани од страна на Центарот за ненасилна акција од Белград и Сараево.