Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.30


РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА ДВЕ ДЕЦА И ЕДНО ПОЛНОЛЕТНО ЛИЦЕ ВО ТЦ ЧАИРЧАНКАРеакција од страна на Првата детска амбасада во светот – Меѓаши и Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) по повод судењето за убиството на двете деца, браќата Енџин (13) и Енис Исмаили (17) и едно полнолетно лице, нивниот другар Раметула Ибиши(20) пред Интернет-кафето “21’ во ТЦ “Чаирчанка“ во Скопје.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Асоцијацијата за демократски иницијативи се повикуваат на ратификуваната Конвенција за правата на детето во 1993 год. од страна на Собранието на Република Македонија, која што е имплементирана преку позитивните законски прописи, меѓу кои и во Кривичниот законик, каде што е истакнато дека животот на секоја млада личност, а особено децата е од посебен општествен интерес.

Првата детска амбасада во светот  и АДИ бараат заштита на децата без разлика на  пол, вера, национална и верска припадност. Според Конвецијата за правата на детето, секоја држава потписничка е должна да работи во најдобар интерес на детето и основното право на секое дете е право на живот, мирно, спокојно и среќно детство.

Во Основниот суд Скопје 1, во Скопје ќе се одржи главен претрес против обвинетите за тројно убиство на децата на возраст од 13, 17 и 20 години, кои без своја вина беа жртви на криминален и насилен акт, убиство во пресметка меѓу две криминални банди. Овие деца, за жал, нема да ја доживеат радоста, да го довршат школувањето и да бидат чесни граѓани на оваа земја.

Како граѓански здруженија за заштита на правата на човекот и како Амбасада на децата која ги штити нивните права, апелираме до судот за соодветна кривична санкција со оглед дека се прекинати три детски животи.  Очекуваме судот самостојно, непристрасно и стручно по завршениот главен претстрес да донесе соодветна казна спрема тројцата обвинети.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Асоцијацијата за демократски иницијативи како и досега се залагаат за целосно остварување на сите права на децата и како основно право на детето е токму правото на живот. Јавно регираме и бараме правдата да биде задоволена.

Реакцијата ја потпишаа М-р Драги Змијанац, основач и извршен директор на Првата детска амбасада во светот-Меѓаши и Шпенд Имери, претседател на Асоцијацијата за демократски иницијативи