Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.30

Консултативни состаноци за Законот за донации и спонзорства на јавните дејностиСо цел ефективна примена на Законот за донации и спонзорства на јавните дејности како и можност за поддршка на активности на граѓанските организации кои се од јавен интерес, беа организирани консултативни состаноци во Тетово, Охрид, Струмица, Гевгелија, Дебар и Струга. Воедно на состаноците беше презентиран Законот за донации и спонзорства на јавните дејности, неговата целосна имплементација, се дискутираше за прашања кои се од заеднички интерес, како и за важноста на развојот на филантропијата во Република Македонија.

Овој настан е дел од проектот “Поддршка на националниот граѓански форум/платформа“, финансиран од Европската агенција за реконструкција, a координиран од Фондацијата Институт Отворено Општество на Македонија. Го спроведуваат Првата детска амбасада во светот – Меѓаши и Центарот за институционален развој – ЦИРа, во име на Граѓанската платформа на Македонија.

На состаноците учествуваа локални здруженија на граѓани, претставници на локалната самоуправа, бизнис секторот и локалните медиуми. Состаноците беа одржувани под стручно водство на Славко Лазовски, раководител на одделението за индиректни даноци при Министерството за финансии,  М-р Драги Змијанац, извршен директор на Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, Зоран Богдановски, координатор за институционална поддршка при Центарот за институционален развој – ЦИРа   и Орхан Усеин, сениор менаџер на Првата детска амбасада во светот – Меѓаши.

Освен овие консултативни состаноци, планирани се уште четири наредни ширум Република Македонија, две трибини како и публикација на прирачник кој ќе им користи на сите граѓански здруженија во обезбедување на нивните активности кои се од јавен интерес, потврдени од страна на Министерството за правда. Прирачникот ќе има и осврт кон процесот на склучување договор за донација со бизнис партнери како и препораки за неговата практична примена.