Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.30


ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ ЈА ПОЗДРАВИ БРЗАТА РЕАКЦИЈА НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ-МЕЃАШИ ЗА СЛУЧАИТЕ ЗА ПОЛИТИЧКА И ЕКОНОМСКА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦАТА ВО АВГУСТ 2007 ГОДИНАПренесуваме дел од извештајот за месец август поврзан со злоупотребата на децата во политички цели

Врз основа на Конвенцијата за правата на детето, која е прифатена и ратификувана во Република Македонија во 1993 година, Република Македонија има обврска да обезбедува услови за остварување и заштита на правата на децата. Оваа обврска ја има и врз основа на други, потпишани и ратификувани меѓународни документи од областа на човековите права и слободи, особено на тие што третираат специфични права на децата. Тука спаѓаат двата факултативни протоколи кон Конвенцијата за правата на детето, потоа конвенциите на Советот на Европа со кои се регулираат одделни сегменти или права на детето, како и релевантни политички декларации. Сите тие претставуваат дел од внатрешниот правен поредок, согласно член 118[1] од Уставот на Република Македонија.

Членот 3 од Конвенцијата за правата на детето, гласи:  “Во сите активности што се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи, или законодавните тела”.  За жал Република Македонија е далеку од обезбедувањето на целосна заштита на правата на децата на нејзината територија. Само во минатиот месец два поголеми случаи на повреда на правата на децата ја разбрануваа македонската јавност.

Првиот случај е употребата на деца на температура од плус четириесет степени во политички цели, како учесници по повод денот на АРМ и желбата на Македонија за влез во НАТО, во период кога од страна на сите надлежни институции се апелираше децата, старите и лицата со хронични болести да не излегуваат надвор од своите домови помеѓу десет и седумнаесет часот. За жал во овој случај државата наместо да ги заштити правата на тие деца, таа сурово ги злоупотреби и истите политички ги употреби користејќи ги децата за добивање на политички поени.

Вториот случај е трагичниот настан и смртта на тринаесет годишното дете во Гостивар додека се наоѓало на работно место во Автоперална во Гостивар и покрај фактот што детето било на возраст на која врз основа на законските одредби  не смеело да биде на работното место.

Во однос на двата случаи заедничко е тоа што прекршителите на правата на децата останаа неказнети. И покрај јавниот повик од невладините организации упатен до сите надлежни органи, а пред се до јавниот обвинител, до денес истите немаат добиено информација дали против било кого е поведена постапка, односно дали јавниот обвинител поднел кривична пријава до надлежното обвинителство.

Хелсиншкиот комитет ја поздравува брзата реакција на Првата детска амбасада во светот Меѓаши по повод овој случај и жали што таа не беше повод за ефикасно сплотување на невладиниот сектор против злоупотребата на децата во политички цели.

Комитет го потсетува јавниот обвинител дека тој како надлежен државен орган за гонење на сторителите на кривични дела има обврска по службена должност да поднесе кривични пријави, и тоа:

-   во првиот случај за сторени кривични дела: Запуштање и малтретирање на малолетно лице, според чл.201 ст.2
[2] и Злоупотреба на службената положба и овластување  според чл.353 ст.1[3] од Кривичниот Законик , а исто така повреда и на членовите 3 и 36[4] од Конвенцијата за правата на детето,   и во вториот случај за сторени кривични дела Повреда на правата од работен однос според чл.166[5], Повреда на правото од социјално осигурување според чл.167[6] и Непреземање мерки за заштита при работа  Според чл.170[7] од Кривичниот законик на РМ, како и повреда на членовите 3 и 32[8] од Конвенцијата за правата на детето.
 


http://www.mhc.org.mk/