Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.29

ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕТСКИ ТРУД!
По повод трагичната смрт на 13-годишното дете Авни Адеми од Гостивар

 

Потресени сме од вчерашната трагична смрт на 13-годишното дете Авни Адеми,  во сервис за миење автомобили.

Овој жален случај е уште една потврда дека злоупотребата на детски труд во Република Македонија е реалност. Ова е драстичен пример за кршење на одредбите од Конвенцијата за правата на детето, Конвенцијата против најлошите форми на детски труд (182) и на Националните закони (посебно дрaстичен заради трагичниот резултат на повредите на правата на детето – со смртни последици).

Генералниот заклучок е дека за жал сеуште, кај поголемиот број работодавачи одсуствува еклементарното знаење, сфаќање и почитување на Законот за работни односи кој децидно вели дека е забрането вработување на деца под 15 години и Конвенцијата 182 Против најлошите форми на детски труд– ратификувана од Собранието на РМ во 2001 година.

Поради тоа, Првата детска амбасада во светот – Меѓаши го повикува Јавниот Обвинител да преземе мерки согласно националните Закони и меѓународните регулативи, односно да поднесе кривична пријава против Ф.Љ. - сопственик на  сервисот за миење автомобили.

Воедно и апелираме до трудовите инспектори, кои сметаме дека не посветуваат доволно внимание на работодавците кои ги злоупотребуваат децата како работна сила, и со тоа го кршат Законот за работни односи на РМ.

Во Македонија има над 18.000 деца кои не одат на училиште. Овие деца се најчести жртви на злоупотреба на детски труд.

На светско ниво има 246 милиони деца на возраст од 5-17 години чии труд се злоупотребува. Тоа е речиси популацијата на САД (293,027,571)! Од вкупната бројка за злоупотреби, околу 186 милиони се деца под 15 години. Поразувачки е дека мнозинството, односно 110милиони, се деца помали од 12 години.

Секој може да придонесе кон искоренувањето на детскиот труд. Еве неколку начини:

·    Не вработувајте деца во вашиот дом или за вашиот бизнис.

·    Не купувајте продукти кои се направени од деца работници или продукти кои ги продаваат деца.

·    Доколку познавате некој кој вработува деца, пријавете го веднаш!
        - во полиција
        - во најблискот Центар за социјални работи
        - на бесплатниот СОС телефон за деца и млади  0800 1 22 22
        - во Бесплатна Правна служба во Амбасадата Меѓаши, на тел 02/2463 900