Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.29

Уписи во Детските работилници
Во рамките на активностите на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, како и секоја учебна година, така и оваа, 2007 / 2008, ќе се организира упис на членови во Детските Работилници.


           
Децата може да се запишат на: компјутерска, театарска, литературна, ликовна работилница, како и работилници за англиски, германски, француски и албански јазик, математичка,  еколошка, за допишување, за добро здравје, бон тон и спортска.

  Сите деца кои сакаат да го поминуваат своето слободно време корисно, едукативно, креативно и забавно можат да се зачленат во Првата детска амбасада во светот ”Меѓаши” и да ги посетуваат  детските работилници. Од членарината се ослободени децата чии родители се корисници на социјална помош, децата без родители и раселените деца.

Само децата кои се членови на Амбасадата Меѓаши, ќе можат да ги користат  услугите на детските работилници.

 

Секоја група се состои од 10 до 15  деца.

Право на учество имаат сите деца од  4  до 15  годишна возраст.
Работилниците ќе се одржуваат еднаш неделно, по 90 минути.
Почетокот на  работата на детските работилници е од 17 септември, 2007 год.
 

Уписите се вршат секој работен ден од 09 до 17 часот на тел. 2 463 900 или 2 465 316, или во просториите на Меѓаши на Ул. Коста Новаковиќ бр.22 а. 

Уписите ќе траат до 15 септември, 2007 год.
Контакт лице – Татјана Јаневска, координаторка на Детските работилници.
e – mail: info@childrensembassy.org.mk; 
              first@childrensembassy.org.mk
 

Доделување дипломи за завршувањето на детските работилници 2006/2007

На девети јули оваа година, Детските работилници со пригодна програма се закитија со дипломи.


Дипломите претставуваа завршен чекор, во претходниот деветомесечен труд што го вложија децата членови на Детските работилници, волонтерите, родителите и вработените.

Пригодната програма се одвиваше од 17 до 21 часот.

Се состоеше од два дела.

Првиот дел од 17 до 19 часот, претставуваше колаж на забавно едукативни игри со обележје на две култури. Имено, младите извидници од Франција, на својот прв ден од посетата во Скопје, се претставија себеси, својата земја, извидништвото и карактеристичните групни игри со кои си играат децата во Франција. На взаемно задоволство, децата, нивните родители, волонтерите, гостите на програмата и младите извидници од Франција, уживаа во прекрасните мигови на дружење, размена на искуства и нови доживувања.

Во вториот дел од програмата, која се одвиваше од 19 до 21 часот, децата членови на Детските работилници и нивните волонтери се претставија со содржински точки. Се рецитираше на албански јазик, се пееше на англиски јазик, видовме како изгледа запознавање на германски јазик, се читаа писма, учевме низ драма за убавото однесување и се насладувавме на глетката што ја прикажуваа прекрасните цртежи од ликовните работилници, кои беа изложени на паноа. По секоја изведена точка, секој/а волонтер/ка им ги врачуваше дипломите на децата членови, од својата работилница.

Таа вечер, доделивме и благодарница на нашиот социјално одоговорен бизнис партнер Космофон. Со тоа се потврди взаемната соработка и поддршка.