Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.29

Реакција по повод давањето неточни информации од страна на Министерот за одбрана Лазар Еленовски

Министерството за одбрана на Република Македонија дава нетoчна и нецелосна информација во врска со користењето на просторот без надомест од страна на Првата детска амбасада во светот-Меѓаши и Здружението на самохрани родители “Скопје“ од Скопје
 
Првата детска амбасада во светот-Меѓаши смета дека министерот за одбрана Лазар Еленовски треба да преземе одговорност како покровител на кампањата “Подготвени сме„ со слоганот “Македонија во НАТО - ние децата нивно злато“.
 
За време на одбележувањето на Денот на АРМ министерот како покровител грубо ги прекрши правата на детето кога дозволи да бидат вклучени деца не поголеми од 14 години да агитираат и спроведуваат политичка и воена кампања за влез на Македонија во НАТО.
 
Детската амбасада Меѓаши поднесе писмена претставка до г.Иџет Мемети Народен правобранител кој исто така во дел од дневниот печат потврди дека ова е типичен пример на политичка злоупотреба на децата.

Нашето барање е министерот за одбрана да преземе одговорност како покровител на овој настан и да поднесе оставка.

Воедно апелираме до Министерството за одбрана да ја информира јавноста со точни и целосни информации. Точно е дека Првата детска амбасада во светот – Меѓаши користи простории од Министерството за одбрана на Република Македонија. Но, исто така треба да се нагласи дека амбасадата користи простории заедно со Здружението за самохрани родители “Скопје“ од Скопје

( поранешно Здружение на самохрани мајки „Дика„). Исто така, ова Министерство треба да нагласи дека просториите се дадени уште од 2000 година кога министер беше г. Љубе Пауновски, а се продолжи во 2006 кога министер беше г. Јово Манасиевски.

Бараме и очекуваме Министерството за одбрана да дава точни и целосни информации. Имено во договорот од 14.09.2000 заверен под реден број 03-5470/2 јасно се гледа дека закупците (Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Здружение на самохрани родители „Дика„) користат вкупно 533,86 квадратни метри.

Бараме Министерството за одбрана да ја демантира информацијата дадена во јавноста дека само Детската амбасада користи простор, дека тој простор што го користи не е од 2006 година, и дека не станува збор за 1500 квадратни метри како што е наведено во изјавата од ова министерство во дел од печатените медиуми.

Исто така, нагласуваме дека не е коректно да се дефокусира јавноста од потребата министерот да преземе и понесе одговорност за овој немил настан.